речник контакт

Становите на Хабитат во населба Тунел 2 завршени

По 3,5 години градење станарите можат да се вселат во нивните нови домови. Квадратот чини 471 евро и ќе се отплатуваат на 20 години, по 120 евра рата

Петар Печков

 Со поставување на плочката со бр. 7 на зградата на  улицата Невена Георгиевска Дуња американскиот амбасадор  Пол Волерс  симболично го означи крајот на изградбата на становите  на Хабитат. Со неодамнешното приклучување на зградите на електричната енергија завршија градежните активности. Така дваесетина велешки семејства можат да се вселат во нивниот нов дом. Тие  и непосредно сами  учествуваа во изградбата, која траеше три и пол години а инвестицијата ее вредна 2,7 милиони евра.

Желбата да се направи пристојно и достоинствено место за домување е од огромно значење. Да се донесат волонтери од Америка и од целиот свет е благородна работа. Ова е пример кој се практикува насекаде во светот - рече Пол Волерс, амбасадор на САД во Македонија.

На овој чин беа присутни и дел од семејствата кои наскоро ќе се вселат. Тука беше и семејството Угриновски. Најрадосен беше и нивниот деветгодишен син Радован, кој токму на 8-ми март го славеше неговиот  роденден. Тој со нескриена радост и детска среќа зборуваше за добивањето на станот. И тоа на одличен англиски му го пренесе на амбасадорот Волерс.

Конечно ќе можам да добијам своја соба и место за игра. Едвај чекам да се вселиме но и да запознам нови другарчиња- рече Радован.

Но не ја криеше ниту неговата нетрпеливост што поскоро да завршат сите формалности, бидејќи се подготвуваше за попладнето кога во четири часот  имаше договорено забава со неговите другари и мораше да го побрзува протоколот, да се завршат навреме сите обврски и за да си замине.

Четирите згради кои ги изгради Хабитат, американска невладина и непрофитна организација се наоѓаат во населбата Тунел 2, на 10 илјади метри квадратни површина. Изградени се 24 стана за кој на конкурс се јавија 126 семејства, со квадратура од 50 до 75 м2,  наменети за лица со ниски примања, цената на квадратот е 471 евро  заедно со  ДДВ.  Десетте отсто учество се плаќаат  кога станарите ќе се вселат, останатите на 20 години отплата, без камата а ратата на месечната отплата е до 120 евра. Втората фаза, со седум згради и 54 стана која се најавуваше не е извесно дали и кога  ќе се реализира.

Дали ќе се градат овие седум зграда се преразгледува од страна на Управниот Одбор на Хабитат Македонија. Треба да се види дали кај велешани ќе има интерес за ваква инвестиција, бидејќи во меѓувреме имаме два проекти до страна на Владата ,,Купи куќа, купи стан,, како и најава за изградба на воени станови. Доколку граѓаните на Велес покажат интерес, ќе ја продолжиме изградбата на новите станови.  Во меѓувреме имавме и  неколку откажувања за изградените станови,  бидејќи станарите увиделе дека не ќе можат да одговорат на  потребните  услови,откако нивната економска и социјална положба се влошила – рече Зоран Костов извршен директор на Хабитат Македонија.

Во изградбата на становите, која започна на 22 октомври 2008-та, помогнаа партнер семејствата на Хабитат – Македонија, како и над 500 волонтери од САД, Канада,  повеќе држави на Европа и  од Македонија. Изградбата на зградите е поддржана од поединци, здруженија и компании од Северна Америка, Европа и Македонија.

Во нејзината изградба учествуваа претседателот Горги Иванов,  претходниот американскиот амбасадор Филип Рикер, во неколку наврати велешкиот градоначалник Горан  Петров, учениците од американската гимназија ,,Нова,, . Хабитат – Македонија е невладина и непрофитна организација посветена на обезбедување едноставни, пристојни и достапни решенија за живеалишта на оние што живеат во услови на сиромаштија.

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »