речник контакт

С. Трифун Св. Валентин

Заштитник на градинарите и на лозарите. Именден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајко. Св. Валентин, по католички календар, ден на вљубените

Петар Печков



Момчето што на 17-годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана која што не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата се стекна со голема слава и настрада на 21-годишна возраст, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции. Подоцна за свој покровител го зеле градинарите, лозарите и меанџиите.

Св. Валентин.

Тој бил свештеник во Рим кој се истакнувал со мудрост и свет живот. Поради тоа уживал голем углед. Римскиот цар Клаудиј Втори побарал од Валентин да се одрекне од верата во Христос и да и се врати на верата во римските богови. Валентин му одговорил: "Кога би знаел кој е вистинскиот Господ, никогаш нема да го побараш тоа од мене. За мене Христос е вистинскиот Син Божји". Кога еден од паганските судии го прашал, што мисли за римските богови, тој одговорил: "Тие се демони!". Поради тоа во 269 година му била отсечена главата.

Светиот маченик Трифун е роден околу 225 година во Кампсада, во малоазиската област Фригија, во близината на градот Апамија. Неговите родители биле христијани и уште рано кај него ја поттикнале љубовта кон Христовата вера. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност. Со Божја помош лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите демони.

За неговите чуда се раскажувало во целата империја поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан, кого што во тоа време го снашла голема несреќа, бидејќи ќерка му Гордана  се разболела од душевна болест и не можел да ја излечи ниту еден лекар во империјата. Во еден момент нечистиот дух од неа проговорил дека никој не може да го избрка освен Трифун. Најпосле, по Божја промисла во Рим пристигнало и младото, 17-годишно момче од Кампсада, кое што за кусо време ја излечило царската ќерка и се стекнало со уште поголема слава.  Од царот било дарувано со многу дарови кои на враќање им ги разделило на сиромасите.

Свети Трифун со маченичка смрт умрел за време на царот Децие кога бил вршен голем прогон на христијаните. Од обласниот римски царски намесник по име Аквилин бил повикан да дојде во Никеја каде што било седиштето на обласната управа и му било предложено да се откаже од Исус и на римските богови да им принесе жртви. Трифун го одбил тоа поради што бил многу мачен. Бил обесен на дрво и тепан со прачка, потоа бил врзан за опашката од коњот и влечен низ полето, а кога и со тоа не го заплашиле го осудиле да му биде пресечена главата со меч.

Но пред да биде извршен тој чин, додека војниците го воделе надвор од градот Трифун се молел на Бога да му ја земе душата и кога дошле на местото за егзекуција тој ја предал душата пред мечот на џелатот да падне на неговиот врат. Тоа се случило на 14/1 февруари 248 година (според други во 250 година), кога имал само 21 година.  Локалните верници го погребале на своите гробишта, но тој им се јавил на сон и посакал да биде погребан во своето село. Оваа желба му била исполнета и подоцна моштите му биле пренесени во неговото родно село.

Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници.

АНКЕТА »

Дали попустите за „Црниот петок“ ги оправдаа очекувањата?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »