речник контакт

Танцувачката група Огнот на Анадолија шири порака за културна толеранција по Балканот

Светски-познатото турско танцувачко друштво „Анадолу атеси“ имаше успешна турнеја во балканските земји во 2013 година, давајќи пример за тоа како уметностите можат да ги премостат културните разлики во регионот

Петар Печков

Меѓународно позната како „Огнот на Анадолија“, на 29. март, групата настапи пред 12-илјадна публика во Сараево. На 6. декември друштвото по десетти пат настапи во салата „Палатулуи“ во Букурешт пред 5 000 луѓе, а потоа, на 8. декември настапи пред 4 500 луѓе во „Националната палата на културата“ во Софија.

Групата планира во текот на 2014 година да посети и други главни градови на Балканот.
На настапот во Софија присуствуваа високи официјални претставници и дипломати, вклучувајќи го и бугарскиот министер за надворешни работи, Кристијан Винегин, заменик-министерот за култура, Велислава Крастева, и турскиот амбасадор, Сулејман Гокче.

Сличностите во менталитетот и во начинот на живот на луѓето на Балканот, воопшто, беа главните фактори за интересот на Бугарите за настапите на „Огнот на Анадолија“, рече Русева.

„Сите фолклорни танци вообичаено многу успешно поминуваат во Бугарија“, додаде таа.
Во изминативе пет години „Огнот на Анадолија“ ја изведува продукцијата наречена „Еволуција“, што претставува ажурирана верзија на нејзиното долгогодишно шоу, „Анадолу Атеси“. Таа претставува уникатна синтеза на стотици фолклорни танци и музика од различни региони во Турција, а ги влече своите корени од културната и митолошката историја на Анадолија.

Изведувајќи уште од 1999 година и настапувајќи ширум светот од 2002 година, групата стреми на целиот свет да му го претстави античкиот мозаик од мир, љубов и културна историја на Анадолија.

Според една изјава на веб-локацијата на групата, „оние кои не го слушаат гласот на историјата, не можат да го чујат гласот на иднината“.

„Мислам дека шоуто има толку моќен ефект не само поради екстензивните проби на групата, што траат по 10 до 14 часа, туку и затоа што е многу добро обмислено“, рече Русева, додавајќи дека елементите на шоуто се испреплетени и го привлекуваат вниманието на публиката.

„Уметноста не познава граници, нема возраст. Отсекогаш низ вековите таа била обединувачки фактор“, додаде таа.
„Огнот на Анадолија“ за првпат одржа турнеја на Балканот во 2005 година, почнувајќи со настапи во Романија и во Бугарија. Оттогаш, групата настапувала во Босна и Херцеговина (БиХ), во Грција, во Македонија, во Србија, во Хрватска и во Албанија.

“Не можеме да се потпреме исклучиво на културни размени во надежта за промовирање и зајакнување на добрите меѓусоседски односи и на соработката. Потребно е многу повеќе од тоа. Но сепак, не можеме без нив“, рече Ралчев за SETimes. „Културните размени воспоставуваат умствени рамки на приближни вредности, а во рамките на овие умствени рамки нам ни е полесно да ги интерпретираме меѓусебните дејства или недостатокот на дејства, и покрај културните разлики. Ова ни помага да се разбереме меѓу себе, дури и ако не го зборуваме јазикот на другиот.“

Ралчев додаде дека во случајот на Балканот, културните размени, како што се балканските фолклорни танци или песни и нивните модерни преработки, создаваат чувство на блискост и заедничка позадина. Тој го поврзува влијанието на изведбите на танцувачката група со популарната турска историска телевизиска драма „Сулејман Величенствениот“, што се прикажува ширум Балканот.

„,Огнот на Анадолија' е експресивно-импресивна и ја репродуцира еволуцијата на една Величенствена приказна и ѝ испраќа една Величенствена порака на публиката, без разлика дали е тоа домашна, регионална или меѓународна публика. Се разбира, Турција има огромно културно влијание и има проекции ширум Балканот, но поентата е, а тука морам да нагласам дека најважни се деталите, дека интерпретациите на ова културно влијание, заедничката историја и традициите имаат повеќе одговори, при што каков било самостоен одговор би можел да биде погрешен“, рече Ралчев.

На 6. декември околу 3.500 луѓе се собраа во салата „Палатулуи“, концертна сала во Букурешт, да го проследат двочасовното шоу, што вклучува 55 изведувачи, 3 000 различни танцувачки традиции и 1.000 костими.
„Тоа беше возбудлив настап“, рече Амалија Динулеску, 35-годишна менаџерка за маркетинг од Букурешт, за SETimes. „Она што е важно е што можевме толку лесно да се вклопиме во атмосферата, бидејќи музиката, иако оригинална, не е чудна за нашите уши зашто потекнува од овој регион.“

„Многу ми се допадна енергијата што ја пренесоа на гледачите и начинот на кој што остварија интеракција со нас. Ова не е обично шоу, ова е експлозија на култура и на историја што ни ја приближува ориенталната цивилизација“, додаде таа.

Уметничкиот директор на групата, Мустафа Ердоган, за SETimes рече дека балканските публики се доста приемчиви за настапите.

„Пред да се вратиме во Турција од нашиот настап во Софија, добивме многу понуди за настапи во 2014 година. Сега планираме да посетиме различни градови во Бугарија. Сметаме дека нашата култура е многу слична со балканските култури. Покрај тоа, во рамките на нашиот перформанс вклучуваме и балкански танцови фигури“, рече Ердоган.
„Се сметаме себеси за културни амбасадори“, додаде Ердоган.

„Нашиот тим испраќа пораки на мир до целиот свет. Дополнително, ние на публиката ѝ нудиме културна гозба. Се обидуваме да ја претставиме Турција во најдобро можно светло каде и да одиме, бидејќи нашиот главен концепт е средбата на западните со источните цивилизации. Веруваме дека промовираме конвергенција и добри односи меѓу Турција и земјите што ги посетуваме.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »