речник контакт

Топилницата не работи, но почвата во велешко со зголемено присуство на тешки метали

Во почвата близу Топилницата годинава повисоко присуство на тешки метали отколку пред една година

Петар Печков

Почвата во велешко, близу Топилницата, не само што е загадена, туку и присуството на тешки метали се зголемува иако  загадувачот не работи 15 години. Ова го покажале резултатите од испитувањата кои ги спроведе Еколошкото друштво ,,Вила Зора,, од Велес, минатата година и оваа а ги презентираше на прес конференција. Високите вредности се однесуваат на површини кои се наоѓаат во близина на Топилницата, во Речани, Шорка и кај Башино село. 

Во 2018-та присуството на тешките метали беше високо над референтните. Така оловото го имаше 201,6 мг/кг а  кадмиумот 7,2 на длабочина до 20 см. Вредностите годинава, откако извршивме деконтаминација, чистење на почвата, покажаа повисоки вредности, што е изненадувачки.  Оловото беше присутно со 218 а кадмиумот со 11 мг/кг. Додека пак присуството на тешки метали на длабочина од 21 до 40 см. е со друг тренд- опаѓање. Во 2018-та оловото било присутно со 195,2 мг/кг а кадмиумот со 7,2 мг/кг. По чистењето на почвата следната година резултатите биле далеку подобри. Оловото го имало 82 мг/кг а кадмиумот 3,6.  Ова покажува дека маслодајната репка, со која вршевме деконтаминација успеала да апсорбира дел од тешките метали.   Кај неа, во листот и коренот измеривме присуство на 3мг/кг олово и 2 мг/кг кадмиум - кажа Кире Кочов од ЕД Вила Зора.  

Бидејќи Македонија нема правилник за присуство на тешките метали во почвата и растенијата, за споредба го земале  тој од Холандија. Таму целната вредност за олово е до 85 мг/кг а на кадмиум е 0,8 мг/кг. Интервентна над која почвата не смее да се користи е 530 мг/кг за олово и 1,2 мг/кг за кадмиум. 

Причината за поголема загаденост после деконтаминацијата на површинскиот слој на почвата е повторната загаденост со тешки метали. Тие доаѓаат од  јаловиштето, ридот со троска на влезот во Велес, но и прашината со тешки метали наталожена на објекти од Топилницата. Со секој ветар таа се разнесува по градот и околината а од дождовите преку подземните води до плодните површини. Така што и не е точно тврдењето дека Велес нема загадување. Резултатот го покажуваат спротивното, остатоците од Топилницата и натаму  влијаат врз здравјето на велешани - додаде Кочов.  

Тој посочи дека испитувањата на другите култури, овошките, јаболко, грозје, кои имаат длабок коренов систем, не покажале присуство на тешки метали. Оловото и кадмиумот ги немало во земени мостри од другите делови околу градот.   

Екологистите надеж гледаат во маслодајната репка.  Резултатите на тешки метали во неа, се енормно над дозволената количина, што покажува дека дел од тешките метали маслодајната репка ги апсорбирала во себе и има капацитет да ја прочисти почвата за пет години.

Но дел од засадените површини со неа не ги дале очекуваните резултати.  Проблем била големата суша годинава, во есенските и зимски месеци. Повеќе од половина површина која била посеана не се зафатила заради сушата така  тие локации останале  недеконтаминирани. 

Оловото и кадмиумот стручњаците ги посочуваат како најотровни и штетни метали по здравјето на луѓето. Пролетва Агенцијата за храна објави дека во 2018-та и 2017-та  во спанаќот и марулата од велешко има тешки метали и тоа со високи вредности. Ги  немало кај грозјето и младиот кромид. 

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »