речник контакт

Топилница сеуште загадува

Пет години по затварањето Топилница сеуште го загадува Велес, бидејќи не е запрена согласно стандардите. Градот треба да се реши од четирите извори на тешки метали кои сеуште постојат и затоа треба да се организира Донаторска конференција. Ова беше кажано на трибината организирана од меѓународна организација, финансирана од ЕУ која треба да понуди решение како тоа да се стори. Средбата се одржа во петокот попладне.

Петар Печков

Велешката Топилница, пет години по затварањето, сеуште е загадувач на градот поради тоа што неправилно е запрен процесот на работа. Тешките метали и другите елементи кои влијаат на здравата животна средина се наоѓаат на опремата, машините и  зградите на комплексот Металургија при МХК Злетово, предупредија еколошките стручњаци на трибината која се одржа во Велес.

- Стандардните услови за запирање на овој комплекс не се почитувани, тоа е чистење на опремата, нејзино демонтирање и соодветно одлагање, уредување на земјиштето во кругот на Топилница, како и чистење на зградите или во спротивно нивно рушење. Честичките од тешки метали, олово и цинк, кои како продукт на производниот процес, се наоѓаат на сите овие површини. При одредени атмосферски услови, дожд и ветер тие стигнуваат до граѓаните на Велес - изјави д-р Бошко Ников, еколошки експерт.

Тој посочи дека во Македонија има бројни примери на индустриски гиганти, чиј производен процес не е запрен како што треба и велешкиот случај не е единствен. Затоа тој побара да се стори се, за реалните извори на загадување  да ги нема. Во случајот со Топилницата, стручњаците освен зградата и опремата ги посочија и другите елементи кои и денес се жаришта на емитирање тешки метали, тоа се почвата во градот и депонијата со згура, лоцирана во близината на Топилница.

- За решавање на проблемот на загадувањето на Велес потребно е да се изврши деконтаминација на земјата, на јавните површини со замена со здрава почва а на  земјоделските со фиторемедијација. Депонијата може да се дислоцира, што не го решава проблемот туку го префрла на друго место, може да се прекрие со глина или најдоброто решение да се извлечат корисните компоненти од неа а таа да се стопи - изјави австрискиот стручњак Евалд Спиталер. Според него, оваа депонија која има 1,1 милион тони згура би се преработила и искористиле цинкот кој го има до 10 отсто и оловото кое го има 1,2 отсто. Така потенцијалниот инвеститор ќе има економска корист а градот еколошки ќе се исчисти. Преработениот материјал може  потоа да се користи во градежништвото.

На изработка на можни решенија како Велес да се исчисти од тешките метали   работи шпанската фирма Ептиса, финансиски поддржана од Европската агенција за реконструкција. Нејзините стручњаци, кои претходни работеа на истиот проблем во Силмак, Охис и Макстил, најавија дека за еден месец, ќе изработат соодветна постапка за санација, по што на крајот од ноември во Велес ќе се одржи Донаторска конференција. На неа треба да се обезбедат средства за елиминација на овие жариштата на загадување.

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »