Петар Печков
Објавено: петок, 24 јануари 2025
Бројните туристи кои се на минување низ Македонија се целна група за транзитниот туризам во централниот дел на земјава. Можностите треба да се афирмираат и да привлечат дел од милионите туристи, кои се на пропатување за или од Грција, да престојуваат и одморат и на еден ден. Во регионот, кој е познат како виногорје на Македонија, има бројни винарии.
„Најдобар начин да се промовира едно вино е гостинот или купувачот да дојде и да види кои сме. Убаво е преку нашата презентација да ја почувстува љубовта кон виното и каде и оди да ја пренесе приказната која ќе ја раскажува на своите пријатели. Затоа ни се потребни овие вински тури. На гостите, сомелиерите за 15-20 минути им ја раскажуваат приказната за Тиквешкото виногорје, за различните сорти вино. Потоа следи дегустација на вино со ручек. Така гостите добиваат слика за нас“, кажа Андон Крстевски, енолог во винарија „Стоби“.
За да ги привлечат гостите, на одредени вина, на етикета се забележани географските координати, локацијата каде е одгледано грозјето кое е преработено во сортно вино. Гостите го пијат виното, но и гледаат од каде потекнува.
Од неодамна во овој регион на туристите им се нуди јавање на коњи. Четириесетина коњи се понуда од ранчот, кој се наоѓа близу селото Подлес, каде посетителите можат да изберат коњ за јавање.
„Имаме два пакети за посетителите. Едниот е шестдневна активност, кога се посетуваат четири општини и повеќе винарии. Концептот е да ги доближиме гостите до винскиот туризам и преку друг аспект, јавење коњи. Нудиме и еднодневна тура за посетители и обиколка на овие прекрасни предели“, рече Васко Величковски, сопственик на ранчот „Шерпа“, кој постои 17 години а базата се наоѓа во Галичник.
Во оваа тура се нуди и прошетка до манастирот Св. Архангел Михаил кај селото Долно Чичево, дело на Андреја Дамјанов изграден 1861 година. Верскиот туризам е дел од понудата. Заедно со верскиот и културниот е можност за двигател на локалната економија. Винската тура низ централна Македонија, не е можна без посета на археолошкиот локалитет Стоби.
„Стоби се наоѓа на автопат а и во антиката тоа било клучно што го изградиле на оваа локација, на крстопат север -југ и исток-запад. Сакаме да ја наполниме сувенирницата со копии инспирирани од предмети од локалитетот, за туристите да понесат спомен од посетата, не само да дојдат и да заминат“, кажа Силвана Блажевска, директорка на НУ Стоби.
„Кога на мапата ќе се видат позициите на Општина Градско, тоа е општина со бројни културно-историски споменици, богата со можности за развој на транзитниот, винскиот туризам. Постојат многу содржини кои се важни и значајни. Тука се и можностите кои ги нудат и општините Велес, Демир Капија, Неготино, Кавадарци и Гевгелија и затоа работиме на заедничка стратегија за промоција на транзитниот туризмот во овој дел на Македонија, како да ги задржиме бројните транзитни туристи“, рече министерот за кутлура и туризам Зоран Љутков.
Tweet |