Петар Печков
Објавено: сабота, 18 април 2015
По 31 година работа во манастирската кујна велешанката Николина Мечалова замина во пензија. Таа три децении ја подготвуваше празничната трпеза во манастирот Св. Димитрија, првиот четврток и петок по Велигден.
Половина работен век го минав тука. Подготвував и ручек и вечера. Идеа едно чудо народ. Додека селата беа големи, многу народ идоаѓаа од таму. Ама се запустија селата и нема толку народ. Тие и спиеја во манастирот, ќе ручаа па ќе си отидат. Горе има кревети. Манастирот беше преполн. Правевме и по 500 чинии јадење. Имаше за сите, или делевме додека имаше, кога ќе снема, нема. Сега последните години нема повеќе ручек во петок, само четврток вечер вечера - вели Николина Мечалова.
Менито се состоело од неколку јадења шкето, јанија, компирно и безеље. Таа за овој ден станувала рано, рано. Уште в зори доаѓала за да може да ја подготви вечерата. Прво го варела месото, па го пржела и потоа се додавало зајрето.
Во 6-те саатот поручек вечерата стасуваше. Ја делевме после 8-те саатот. Сега повеќе не можам да работам. Нозете не ме држат. Заминав од јануари, по смртта на сопругот Трајче, кој беше домаќин тука. И еве по толку време вечерва на славата дојдов на гости. Имам убави, прекрасни спомени од тука, убаво поминав. Не можам да го заборавам тоа време. Велешани идеа тука и во социјализмот и сега. Никогаш не престанаа. Манастирската слава беше голем празник. од кога знам за себе велешани иделе ваму. Така било отсекогаш - додава Николина.
Таа подготвувала вечера и кога биле славите на останатите цркви околу Св. Димитрија, Св. Недела, Св. Петка, Св. Никола и Св. Јован. Годинава за прв пат е гостинка. Вечерта за прв пат по толку години беше подготвена во ресторан, во Розе салата.
Tweet |