речник контакт

Туристичкиот павилјон Стоби тоне

Туристичкиот павилјон Стоби почна да попушта и тоне а ѕидовите напукнуваат, па тој небезбеден за посетителите, е празен и напуштен.

Петар Печков

Туристичкиот павилјон  Стоби, лоциран на влезот од истоимениот локалитет од неодамна е празен и напуштен. Причина за ова е што  објектот почна да попушта и тоне а ѕидовите напукнуваат, па тој е небезбеден за посетителите. Така  гостите кои го посетуваат археолошкиот локалитет,  нема каде да се одморат по долгата прошетка. Пукнатините на фасадата и утврденото мало потонување на објектот го затворија туристичкиот павилјон на влезот во Стоби. Павилјонот сега е затворен за посетителите, кои можат да ги користат само тоалетите до кои се доаѓа преку задниот влез. Надлежните најавуваат дека реконструкцијата најверојатно ќе почне следниот месец.
      -   Два часа шетавме по овој прекрасен простор и сега кога сакавме тука да се одмориме и напиеме нешто, видовме дека не работи. Жешкото сонце и одењето не уморија но нема каде да се одмориме и ја загаснеме жедта. Штета, вака гостите само ќе си заминат без комплетен впечаток и заокружена понуда – вели четворочлено семејство од Словенија по посетата на Стоби, кое бргу, бргу седна во автомобилот и го продолжи патот кон Градско. Туристичкиот павилјон, изграден   во 2004-тата, беше даден на концесија на неготинчанец, кој тука продаваше сувенири, копии на археолошки предмети пронајдени во македонските локалитети, имаше винарија и ресторан, но тој го напушти и остави на сопственикот,  Републичкиот завод за заштита на спомениците. Познавачите објаснуваат дека темелите на зградата почнале да тонат, па таа  сега се руши и претставува опасност по гостите, по што корисникот си заминал и е неупотреблив. Сега  посетителите  кои ќе го разгледаат локалитетот Стоби не ќе имаат можност каде во ладовина да здивнат и одморат, и остават девизи и некое евро. Со павилјонот и целиот археолошки локалитет управува Јавната установа „Археолошки локалитет - Стоби“, чија директорка Силвана Блажевска изјави дека во тек е изработка на проектот за санација.
       - Објектот е затворен поради претпазливост. Утврдено е дека има минимално тонење на конструкцијата поради нестабилната подлога на која лежи. Пукнатините се појавија само на фасадата и не потекнуваат од главната конструкција. Очекуваме реконструкцијата да почне следниот месец и таа најверојатно ќе опфати и фиксирање на темелите - рече таа. Лани, откако во Стоби започна да се наплатува влезница, три илјади гости, за шест месеци го посетиле локалитетот и овој објект, сега тие ќе немаат таква можност. Овој викенд веќе започна големата туристичка преселба кон Грција и Турција, па неколку илјади транзитни туристи од Србија,  Унгарија, Чешка минаа низ Македонија. Павилјонот беше изграден со донација од  Американската агенција за меѓународен развој УСАИД во висина од 7,6 милиони денари, изведувач беше Бабуна градба од Велес а проектант беше  ДСЦ Дизајн од Скопје.

АНКЕТА »

Колку сте задоволни од настапот на македонските репрезентативци на ЕП во одбојка?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »