речник контакт

Уништена единствената икона, дело на Дамјанов

Може ли да се спаси ова негово дело

Петар Печков

Иконата на Дајманов  заборавена и оштетена

 Во црквата Св. Пантелејмон во Велес, дело на големиот градител Андреја Дамјанов се наоѓа икона на Св. Тома исто така негово  дело. Таа според пишаните документи е единствената сочувана икона која ја има нацртано Дамјанов за неговиот живот, што ја прави од големо значење за македонската национална историја и е големо културно богатство. Потрагата по неа траеше две седмици, откако се одбележаа 200 години од раѓањето на Дамјанов. Со помош на свештениците на МПЦ иконата се пронајде, но истата е во очајна состојба.  Тешко беше да се најде, бидејќи во црквата има повеќе икони кои не се во иконостасот или двата параклиса на кат од храмот. Затоа има повеќе дела икони  кои се  поставени по ходниците и ѕидовите на црквата. Таква судбина имаше и иконата посветена на Св. Тома.  Нејзината состојба е загрижувачка, Скршена на половина, излупена, со боја која исчезнува и лик кој не се препознава.

 - За жал иконата на Св. Тома е во лоша состојба, треба што поскоро да се преземе нешто за да се конзервира, ако не е доцна. Сите икони од оваа црква се заштитени од државата, но очигледно дека некои се заборавени, други сочувани – вели свештеник од велешкото намесништво на Повардарската Епархија. Иконата е нацртана во периодот која е градена црквата Св. Пантелејмон околу 1840-тата година. На неа нема потпис, што е за очекување оти Дамјанов не се потпишувал. Неговото животно гесло било ,,мајсторот по делата се познава,, Така дури и  неговиот гроб е без име и презиме и било каков друг знак.  Во пишаните документи, единствениот каталог на икони заштитени од државата издаден во 1987-та година од тогашниот Републички завод за заштита на спомениците, оваа иконата на Св. Тома  се води дека е  од непознат автор. Но и сите други икони во црквата Св. Пантелејмон според овој документ се создадени од непознати автори.

- Добро е иконата преку Народниот музеј од Велес да се  предложи за конзервација, за следната година бидејќи таква  е процедурата. Имаме повеќе икони  кои ги заштитивме од велешко мината и оваа година, така што оваа може да се сработи следната. Да се сочува  колку што може – изјавија од Националниот  конзерваторски центар.  Св. Тома е светец кој е заштитник на градителите, архитектите. Затоа и  Андреја Дамјанов, кој и сам бил голем градител и архитект на неговото време со повеќе  од 40 изградени цркви на Балканот, се решил да го нацрта на икона, која се наоѓа во црквата Св. Пантелејмон во Велес. Стара  е повеќе од  170 години.

АНКЕТА »

Дали состојбата со ковид-19, го промени начинот на живот кај Вас?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »