речник контакт

Филмот за Кочо Рацин ја трогна публиката

Коста Солев Рацин заслужува повеќе да се работи на неговото дело, но и на неговата смрт. Тој за мене е македонски поет на сите времиња - изјави премиерот Никола Груевски

Петар Печков

Коста Солев Рацин заслужува повеќе да се работи на неговото дело, но и на неговата смрт. Тој за мене е македонски поет на сите времиња - изјави премиерот Никола Груевски по премиерата на филмот „Елегија за тебе“ во Велес.

Проекцијата - што се случуваше на три локации, а ја следеше неколкуилјадна публика, сограѓани на Рацин, љубители на филмот, политичари и културни активисти - предизвика наплив на емоции особено кај фамилијата на поетот. Филмот е работен по сценарио и режија на Данчо Стефков и Васил Зафирчев.  

Претседателот на Собранието, Љубиша Георгиевски, во филмот препозна уметничко дело.
 
- Станува збор за несекојдневен филм кој ја врати вербата во уметноста. Во времето кога сме преплавени со кич, тој е вистинско освежување и неговите автори заслужуваат пофалби - изјави Георгиевски. Во публиката беше и синот на Раца Фирфова Ѓоргова, Ане Ѓоргов, со фамилијата.

- Филмот обработува едно прашање кое за велешани е мошне важно и болно, а авторите успеале да го изнесат на храбар начин. Тие прават претпоставки што се небулозни, но за велешани блиски и со години се присутни меѓу луѓето од градот, но и кај тие што беа набркани од него - изјави Ане Ѓоргов.

Мошне емотивно филмот го доживеа Александар Солев (77 години), брат на Рацин. Тој на неколку моменти не можеше да ги скрие солзите.

- Авторите одлично го прикажаа неговиот немир и ликот на мајка ми Марија. Тие се реално прикажани и ги препознав ликовите на мојот брат и на мајка ми од тоа време. Искрено, филмот ме потресе, особено некои слики, кои беа многу впечатливи. Јас како мал ги носев писмата што брат ми и\' ги пишуваше на Невенка Вуиќ, а таа ми даваше слатко - изјави Александар Солев. Неговиот постар брат Никола дојде на премиерата, но замина набрзо бидејќи имаше здравствени проблеми. За Стефков, еден од авторите на филмот, тој треба да ги поттикне истражувачите и историчарите да ги отворат досиејата.  

- Рацин не бил само револуционер и социјален поет, туку тој пишувал и многу убава љубовна поезија, а филмот да биде поттик „Антологија на болката“ да биде преведена на друг јазик, зашто „Бели мугри“ е преведена на 120 јазици - вели Стефков.

Режисерот Зафирчев упатува дека вистината за Рацин треба да се бара на други места, не во Македонија.
 
- Годината кога е ликвидиран Рацин, 1943, е година кога немаме самостојна држава и институт за национална историја. Нашата научноистражувачка јавност го бара одговорот на мистеријата на погрешно место, бидејќи сите важни документи од тоа време се наоѓаат во странски архиви - изјави Зафирчев. Тој потсети дека создале филм со висока естетска вредност во кој дијалозите се водат преку поезијата на Рацин и во него подеднакво се користени песните од „Бели мугри“ и од љубовната „Антологија на болката“. 

Во „Елегија за тебе“ е раскажана животната приказна за поетот Рацин и дилемата дали тој бил убиен и која беше неговата вистинска муза - Рахилка Фирфова Ѓоргова или Невенка Вуиќ. Музиката е на Калиопи Буклевска. По велешката премиера, филмот ќе се прикажува и во другите македонски градови.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »