речник контакт

Хероината од 11 септември ги измами Американците

Тања Хед за американците беше една од неприкосновените хероини на 11 септември... додека не беше откриено дека таа воопшто не е тоа.

Петар Печков

Тања Хед стана главна хероина на најновата книга за терористичките напади на 11 септември 2001 година и рушењето на Светскиот трговски центар во Њујорк – прва за тие настани која говори за измамата и обидот од ужасниот напад да се извлече лична корист.

Роби Фишер и Анџело Џиљемо во книгата „Жената која не била таму“, опишале дека Тања Хед со години ја лажела јавноста дека била во една од Кулите во моментот на нападот, како станала една од најпознатите „протагонистки“ на тие настани – гостувајќи на телевизии, посетувајќи американски универзитети и состанувајќи се со највисоки претставници на Њујорк – и како на крајот ја разоткриле.

Нејзината приказна почнала во 2004 година, кога преку интернет стапила во контакт со Здружението на преживеаните од нападот на Светскиот трговски центар.

При средбите со семејствата на настраданите, Хед кажувала работи од кои никој не останувал рамнодушен, се наведува во книгата.

Таа тврдела дека на денот на нападот се наоѓала во јужната кула на СТЦ, чекајќи лифт на 78 спрат. Во тој момент во зградата удрил авионот кој го презеле киднапери.

Хед рекла дека паднала во несвест и дека само се сеќава дека и помогнал човек со црвена марама на главата, кој го изгасил огнот со кој била зафатена нејзината облека. Тој и неколкумина и го покажале патот до помошните скали во случај на пожар, по кои успеале да се симнат во подножјето на зградата и да излезат, пред да се срушат кулите.

На тој начин Хед успеала да се спаси, што би било чудо, бидејќи само 19 луѓе кои биле над местото во кое удрил авионот, успеале безбедно да излезат од зградата.

Медиумите веднаш се заинтересирале за целата приказна и таа гостувајќи на телевизии низ солзи раскажувала потресни детали за луѓе кои не успеале да излезат.

- Кога станав од подот и појдов кон скалите видов човек на умирање, кој ми го кажа своето име и ми ја даде бурмата да ја дадам на неговата сопруга. Тоа никогаш нема да го заборавам.

Јавноста уште повеќе била потресена кога рекла дека нејзиниот вереник Дејв настрадал во втората кула. Повеќе немало враќање, несреќната девојка станала симбол на страдање и пожртвување кои ги преживеале Њујорчани тој ден.

Хед била именувана за претседателка на Здружението на преживеаните во нападот на 11 септември, ги водела граѓаните кои доаѓале во Њујорк да го посетат местото на нападот Граунд зироу, се состанувала со градоначалниците Рудолф Џулијани, Мајкл Блумберг и поранешниот гувернер на Њујорк Џорџ Патаки.

- Тоа што го видов нема никогаш да го заборавам. Видов многу смрт и уништување, но и надеж дека сето тоа ќе помине, зборувала во обраќање на студенти, на годишниците на одбележувањето на 11 септември.

На медиумите им раскажала дека студирала на Харвард и Стенфорд, како и тоа дека работела во компанијата Мерил Линч.

Сето тоа се чинело вистинито и потресно... А, потоа вистината почнала да излегува на виделина.

Имено, на целата приказна недостасувал само еден детал.

Хед никогаш не се согласила за последните моменти на уривањето на Кулите да зборува со семејствата на настраданите. Наспроти траумите кои тоа би можело да ги предизвика кај нив, семејствата сакале да слушнат некој детал од неа, за тоа што нивните најблиски го кажале последните часови, каде се наоѓале, кого го повикувале.

Хед со години се оправдувала дека за неа тоа е премногу трауматично да навлегува во детали, избегнувајќи средби со семејствата.

- Никогаш со нас не ги споделила тие детали, секогаш зборуваше дека е премногу болно за неа да зборува за тоа“, вели Алисон Крутер, мајка на Велс Крутер, лицето со црвената марама за која Хед раскажала дека ја спасил. Крутер не го преживеал нападот и немало никој кој би можел да ја потврди нејзината приказна.

Се што зборувала почнало да се руши како кула од карти... или како њујоршките кули.

Кога била принудена да го соопшти презимето на наводниот вереник Дејв, откриено е дека лице со тоа име навистина настрадало во северната Кула, но неговото семејство рекло дека тој никогаш не бил верен и дека не слушнале за девојка со такво име.

Од Харвард и Стенфорд било соопштено дека Тања Хед никогаш не студирала на тие факултети. Истото го соопшти и Мерил Линч: „Тања Хед кај нас никогаш не работела“.

Во Здружението на преживеаните рекле дека не знаеле многу за нејзиниот живот пред 11 септември 2001 година, бидејќи само им рекла дека е ќерка на дипломат. Зборувала дека патувала на Тајланд и во Њу Орлеанс, да пружи помош на настраданите, по цунамито и ураганот Катрина.

Дека на нејзините лаги немало крај, се видело и од приказната според која во знак на сеќавање на својот вереник основала Фондација за помош на деца, иако ниту една фондација со такво име не е регистрирана во Њујорк.

Авторите на книгата откриваат дека нејзиното вистинско име е Алисија Хед и дека во време на нападот на кулите близначки, таа воопшто не била во Њујорк, туку во Барселона, каде што живеела.

„Хероината“ на 11 септември всушност за прв пат се доселила во Америка во 2003 година.

АНКЕТА »

Велес е еден од малкуте градови во Македонија, кои немаат пешачка зона во центарот на градот. Дали сте за улица 8-ми септември од Сармаале до споменикот на Илинденците да биде затворена за сообраќај а тој дел пешачка зона?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »