речник контакт

Холивуд во воените филмови ја менува историјата

Холивудските режисери, продукциските куќи, студијата и сценаристите често не ги почитуваат фактите, ги менуваат настаните и ги чистат биографиите во воените филмовите

Петар Печков

Познато е дека Холивуд сакајќи на публиката која е желна за брзи акции да и сервира спектакл, често ги прилагодува фактите и историските настани. Тоа посебно се забележува во филмови со воена тематика, каде има многу технички грешки, карактерите се прилагодуваат, лошата историја се брише. Во некои филмови кои ќе ги наведеме тоа е повеќе од очигледно.

Enemy at the gates

Источниот фронт е многу слабо претставен во западната кинематографија. Веројатно најпозната и најпопуларна е екранизацијата на битката за Сталинград, филмот Непријател на вратите (Enemy at the gates) во кој Џуд Лоу го толкува познатиот советски снајперист Василиј Зајцев, погрешно ја прикажува активноста на Црвената армија.

Во филмот на Жан Жак Аноа, советските војници се испратени во битка со само една пушка на двајца војници, што според познатите факти е незамисливо. Вистина е дека во текот на епската битка припадниците на Црвената армија немале доволно муниција, но никаде не е забележано дека луѓето оделе во борба невооружени.

Снајперистот Зајцев, кој во битката за Сталинград убил 225 луѓе, во филмот води пресудна борба со германскиот снајперист Ервин Кениг, кој не се спомнува ни во советските ни во германските воени документи.

U-571

Филмот U-571 во кој американска чета влегува во Германска подморница во обид да ја заробат германската машина за испраќање на шифрирани пораки Енигма, веројатно е најлош пример на намалување на улогата на сојузничките трупи од страна на Америка. Во стварноста, припадниците на британската морнарица успеале да ја заробат Енигма и тоа дури седум месеци пред Америка да влезе во Втората светска војна, додека во филмот настанот е сместен во 1944 година. Кога филмот почнал да се прикажува, тогашниот британски премиер Тони Блер го нарекол навреда за британските морнари кои се бореле во војната.

Jarhead

Наградуваниот филм Jarhead кој го режираше Сем Мендез, со глумците Џејк Џиленхол и Џејми Фокс, замислен е како психолошки портрет на американските маринци за време на првата Заливска војна. Според зборовите на ветеран на таа војна, многу сцени во тој филм се претерани и пренагласени.

Поранешниот маринец Натаниел Фик ја истакнал сцената во која маринците играат околу оган и пукаат во воздух, нешто што маринците никогаш не би го направиле. Посебно потенцирал дека е неточно дека маринците биле изложени на психичка и физичка тортура како што е прикажано во филмот, каде ги жигосуваат со лого на маринец.

По прикажувањето на овој филм американската војска го оцени како неточен портрет на Маринци и лоша интерпретација на воениот живот.

The Battle Of The Bulge

Варнер Брос во 1965 година го прикажал овој филм за големата офанзива на американската војска во Ардени, во кој американскиот тенк М47Патон ги победува германските тенкови Тигар, а џиповите кои ги вози американската воска биле дизајнирани по војната.

Покрај тоа, занемарен е фактот дека битката се одвивала по снег, па во филмот воопшто го нема, а борбата била прикажана на рамен терен наспроти фактот дека се одвивала во планините.

Red Tails

Филмот Red Tails со Куба Гудинг Џуниор во главна улога, е трогателна приказна за надминување на расната дискриминација во војската во САД за време на Втората светска војна, кога наводно црнци пилоти биле жртви на сегрегација.

Одредот со афро-американски пилоти е прикажан како недопирлив, па во филмот се потенцира дека не изгубиле ниту еден авион за време на војната, додека факт е дека тој одред претрпел загуба од 25 бомбардери.

Flyboys

Flyboys е уште еден приказ на воздушни битки на САД и Германија, во кој глуми Џејмс Франко и исто како филмот The Battle Of The Bulge е полн со грешки во врска со воената опрема. Во филмот, германскиот црвен Фокер е претставен како стандарден авион на пилоти на рајхот, што не било случај. Слична грешка се случила и со авиони во кои во филмот ги летаат американски пилоти. Моделот кој го летаат тие Њупорт17 бил повлечен од употреба во време кога Германците почнале да ги користат Фокерите.

Windtalkers

Акцијата на Џон Вау со Николас Кејџ е базирана на употреба на Навахо јазикот за испраќање на кодирани пораки во Втората светска војна. Дел од приказната дека припадниците на Навахо племето кои учествувале во војната и испраќањето на пораки имале телохранители е точен, меѓутоа демантирано е дека телохранителите биле задолжени по потреба да ги убијат, за да не паднат во рацете на Јапонците.

Исто така, експертите процениле дека Ву целосно ги промашил сцените на битките, во кои никој не се однесува како војник. Нема оган со кој се покрива напредувањето на силите и сите учесници се оддалечени еден од друг на не повеќе од 3 метри.

The Green Berets

Големиот број на филмови за војната во Виетнам имаат многу маани, но ниту еден како The Green Berets со Џон Вејн. Всушност, филмот е пропаганда во корист на војната, а погрешно се пренесени и воените факти за расположението на јавноста во тоа време. Високо обучениот полковник на зелените беретки Џон Вејн, во некои сцени ја држи пушката наопачки, има многу килограми и 60 години. Технички грешки има на секој чекор, од лоша реплика на пушката М16 која нема шаржер, до борови во џунглите во Виетнам. Критичарите овој филм го нарекоа, каубојски и индијански и го оценија дека ја глорифицира војната и ја сведува на многу клишеа.

The Hurt Locker

Награден со шест Оскари овој филм покажува тим на експерти за демонтирање на бомби во Ирак. Ветераните на војната во Ирак оцениле дека Наредникот Џејмс (Џереми Ренер) не можел да демонтира 870 бомби, како што се наведува во филмот. Тоа би значело дека дневно во Ирак биле демонтирани 3 експлозивни направи.

Војниците се прикажани како непослушни, а поранешниот техничар за демонтирање на бомби, Британецот Гај Мерот рекол дека тие во филмот се претставени како зависници од адреналин со усвитени глави.

Patriot

Понекогаш, игнорирањето на големи маани не некои историски личности едноставно не функционира. Таков е случајот со Френсис Мерион (во филмот наречен Бенџамин Мартин), кој Мел Гибсон го толкува во култниот филм Patriot.

Мерион во историјата останал забележан како човек кој ги силувал своите робинки и ги прогонувал Индијанците, додека во филмот е прикажан како цивилизиран семеен човек. На малата војска на Мерион во филмот се придружуваат и црнци, додека во реалноста бил робосопственик, кој правел поголеми зла од Британците против кои се борел на филмот.

Текстот е преземен од Вијести - Подгорица

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »