речник контакт

Храбри пожарникари, во застарена лична опрема

Велешките пожарникари покажаа голема пожртвуваност, а на виделина излезе дека имаат постара лична опрема.

Петар Печков

 Две седмици по големиот пожар во зградата на улица 11 Октомври б1, локалната власт и велешани им оддаваат признание на 12-те пожарникари кои храбро се соочија со огнот и спречија катастрофа. Животите на луѓето се бесцена, не мерлива категорија, и затоа секој спасен е голем успех. Во критичното саботно попладне, кога станарите беа во своите домови, пожарникарите смело влегоа во костец со огнот и на раце изнесоа 25 лица  заробени по високите катови од петкатницата, лоцирана до касарната. На дело неколку часови, не само пожарникарите, туку и соседите покажаа голема хуманост и човечност. И додека пожарникарите ги спасуваа сограѓаните, по интервенцијата еден од нив заврши во болница, поради вдишување на чад.

Поради големата температура и густиот дим, од влагата и температурата дојде до мое згрижување во болница. Нашата професија е опасна, тоа сме го одбрале и го работиме во служба на граѓаните. Свесни сме за ризикот по нашиот живот, но сепак мислиме на животот  и доброто на другите, ние сме први кога мораме да интервенираме  - вели Благој Анастов пожарникар, кој мораше да биде згрижен и добие здравствена помош по гаснењето на огнот. 

Тој и неговите колеги несебично, пожртвувано влегоа во подрумите каде огнот се закануваше  да се прошири, да не експлодираат боците со плин, со што во опасност беа доведени  и трите соседни згради. Навремената интервенција спречи огнот да не го зафати соседниот салон за мебел на Симпо, каде имаше многу лесно запалив материјал, дрво, сунѓери, ткаенина. Но не само пожарникарите, туку и соседите од околните згради  не се штедеа да го згаснат пожарот.

Комшии сме, тука на десетина метри, секој ден сме заедно и нема да стојам со скрстени раце и сеир да гледам. Помагам колку што можам, да се згасне огнот, да се спасат соседите од високите катови - вели еден од соседите. Друг со токмак го кршеше ѕидот, поради кој  пожарникарите не можеа да работат а огнот да биде локализиран. Тие покажаа голема хуманост и човечност, во тешките моменти кога во прашање беа минути да се спасат човечки животи. Пофалби за акцијата стигнуваат од граѓаните и од првиот човек на општината, градоначалникот Петров, кој не штедеше пофалби, но и критика дека дел од опремата е застарена и нефункционална. 

Пожарникарите тоа со  што  тие располагаат, навистина го даваат максимумот. Она што е неопходно за овие луѓе безбедно да ја извршуваат својата должност и задача, благородна професија, мора и ќе биде набавено.  Паѓа во очи опремата со која тие работат, пред се личната, која делумно е застарена. Таа е функционална, но од постаро производство. Локалната власт презема чекори за решавање на ваквата состојба – изјави Горан Петров градоначалник на Велес.

Согласно големината на општината што противпожарната бригада ја покрива, потребно е таа да  биде побројна и зголемена,  бидејќи според стандардите е недоволно екипирана. Дваесет и пет пожарникари работат на  огромна територија од општините Велес, Градско и Чашка, која според шумските пожари е во врвот во земјава. Но покрај тоа тие најдобро ја вршат својата работа. Боците со кислород, кои се од постаро производство, се толку гломазни и тешки, што им пречат при интервенциите.  Филтрите за воздух од заштитните маски се од постаро производство. 

Затоа пак големиот и скапиот дел од опремата, како што се   возилата  ги има во задоволителен број во велешката противпожарна бригада.  Недостигаат мали коли, кои ќе можат да се движат по тесните велешки сокаци, од високите делови на градот. Но очигледно дека човечкиот фактор е најважниот во алката за спасување од огнот, покажува велешкиот пример.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »