речник контакт

Хрватите и Словенците се скараа за крањскиот колбас

Словенија тврди дека крањскиот колбас е измислен кај нив во 19-тиот век. Хрватска не се согласува. Во тоа време Словенија и Хрватска биле дел од Австро-унгарската империја.

Петар Печков

Словенија и Хрватска се судрија во врска со правата на потекло на популарниот колбас, Крањска клобаса, откако Словенија поднесе барање за статусот Заштитено географско потекло на ЕУ за овој месен производ.

Хрватските власти минатата недела поднесоа приговор до Европската комисија на барањето на Словенија, оставајќи му на Брисел да се обиде да го реши спорот.

„Хрватската стопанска комора и производителите на крањскиот колбас ги собраа сите релевантни историски докази на кои се заснова приговорот, и Министерството за земјоделство ќе [помогне] да се зацврсти хрватската страна во процесот“, рече за SETimes Мирослав Кискуновиќ, портпарол на хрватското Министерство за земјоделство.

Тука се работи за нешто повеќе од националната гордост. Според владата, производството на крањски колбас во земјата вреди 13 милиони евра годишно.

Словенија тврди дека крањскиот колбас е измислен во Словенија во 19-тиот век. Во тоа време Словенија и Хрватска биле дел од Австро-унгарската империја. Но, Хрватска не се согласува.

Даска Домлијан, директор за човечки ресурси во хрватското претпријатие за месо Гавриловиќ, рече дека постојат докази оти неговото претпријатие го произведува крањскиот колбас од 1921 година.

„Ова е производ што [го произведуваме] скоро еден век ... Годишно, произведуваме 400 до 500 тони од овој колбас“, рече Домлијан за SETimes.

Статусот Заштитено географско потекло, како што е Заштитениот географски знак на ЕУ, гарантира дека само производите што потекнуваат од тој регион можат да го носат името. Законски применливите правила заштитуваат многу национални специјалитети, како што се сирењата „рокфорд“, „горгонзола“ и „шампањот“.

Ова е втор спор околу популарниот колбас. Словенија, исто така, протестираше во врска со австриското производство на овој колбас на почетокот од април. Земјите постигнаа „прелиминарен“ договор, според кој колбасот ќе биде правен во Австрија, под одредени услови.

Најголемото претпријатие за храна во Хрватска, Подравка, го произведува крањскиот колбас 30 години. Според претставник на претпријатието, колбасот е регистриран под името крањски во регулативата со која се уредува квалитетот на месните производи, а која беше усвоена во поранешна Југославија во 1974 година.

„Тоа е генеричко име, како што е парискиот, алпскиот, виенскиот, миланскиот, баварскиот колбас. Барањето за регистрација на Словенија не успеа и во случајот со Австрија, со која Словенците постигнаа спогодба која потврдува дека тоа не е автентичен словенечки производ“, рече за SETimes Маринка Акрап, директорка на Подравка за корпоративни комуникации.

Хрватските и словенечките граѓани се, исто така, поделени околу ова прашање.

Јанез Здухац (28) од Љубљана вели дека е очигледно оти колбасот го добил името по местото каде што бил правен.

„Крањ е четврт по големина град во Словенија. Ситуацијата е јасна, Хрватска нема никаква врска со овој град, така што нема никаква врска ни со колбасот. Моите роднини во Хрватска ми рекоа дека оваа приказна е бесмислена и дека хрватските политичари ја измислија бидејќи немаат ништо подобро да прават“, рече Здухац за SETimes.


Од друга страна, Хрватите сметаат дека името на колбасот не докажува ништо.

„Сум го пробал и хрватскиот и словенечкиот колбас. Хрватскиот е петпати подобар и би било навистина срамно Словенците да им го наметнат својот сопствен рецепт на сите оние што произведуваат крањски колбас“, рече за SETimes Томас Пилиповиќ (44) од Осиек.

Европската комисија го опишува крањскиот колбас како пастеризиран колбас кој се прави од грубо мелено свинско месо и свинска маснотија, со додавање сол, лук и бибер.

Колбасот потоа се чади и се јаде топол. Истиот има карактеристичен „благо чаден мирис“.

 текстот е преземен од Southeast European Times

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »