речник контакт

Црвен картон за одговорните смртта на Тамара (фото)

Системот на лошите чичкови е виновникот за смртта на Тамара, порача нејзината мајка и побара нова Тамара не смее да се случи

Петар Печков

Неколку стотина велешани се  собраа во Младинскиот парк, на   протест за смртта на малата Тамара Димовска.   Тие побараа оставки од луѓето кои работеа на случајот за лекување на десетгодишното девојче од Велес, но наместо таа да се излекува почина, заглавена во бирократските лавиринти на здравствениот систем.

Кога системот убива дете, што останува како утеха? Има само гнев, тага и недоверба.  И тоа  кон министерот за здравство, кон фондот, кон лекарската комисија.  Оваа смрт е најтешкиот доказ за бруталната неморалност на системот и негрижата кон обичниот човек, децата. Одовде  јасно и гласно порачуваме дека бараме да бидат казнети и одговараат сите оние кои придонесоа за прераната смрт на Тамара.  Министре Тодоров поднеси оставка и врати ја   надежта дека системот функционира. Бараме одговорност и од директорката  на Фондот  Парнаџиева Змејковска, од  лекарската комисија особено од заменичката  претседател д-р Аспазија  Софијанова. Дајте оставки,морално е да Ве снема  од системот кој сте го креирале  а служи за реклама. Дајте оставки за да не ни умираат луѓето - порачаа од иницијативниот одбор, кој го организираше  собирот.

 Меѓу присутните немаше наставници кои  и предаваа на малата Тамара од ОУ Св. Кирил и Методиј, на овој час тие беа  отсутни.  Ги немаше и луѓето од Здружението кое се грижи за децата со посебни потреби.  На протестот беа присутни и родителите на малата Тамара, таткото Златко   и мајката Жаклина, која во емотивното обраќање, предизвика река од солзи кај присутните.  Никој не ги криеше солзите кои се тркалаа по лицата на загрижените велешани.

Системот на лошите чичкови, две комисии, еден фонд, едно министерство ја потпишаа смртта на мојата  Тамара.  Систем во кој се се решаваше по телефон,кој им право на живот а кој не. Ја  оставивте Тамара да чека да се отвори Спинален центар.  По наши апликации низ светот, Тамара доби  бесплатно лекување во Чикаго и  Германија.  Беше пресреќна што ќе лета со авион на операција, но  одлета     кај ангелите. И дадовте решение за лекување, два дена по смртта. Тоа е нехумано, нечовечки.    Фотелјите во кои седите се удобни, но ако имате душа и срце морате да ги напуштите, тоа и го должите на Тамара. Згрешивте,знаете и сами. Нова Тамара не смее да се случи, одете си за да други деца се излекуваат. Не смеете да останете таму каде што   сте. Тамара е доказ дека од еден до последен сте виновни. За да не се случи нова Тамара, повик до сите министри, пратеници, сослушате ги родителите, слушнете ја нивната мака. Трагично е што донациите за Тамара ги искористивме да ја погребеме, откако останавме без работа и живот  -  рече во нејзиниот  тажен монолог Жаклина.

 Заврши со прашањето ,,дали некој ќе се јави во судска медицина, што тие треба да напишат во обдукцијата,, .  

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »