речник контакт

Честитки за Рамазан Бајрам

Поглаварот на ИВЗ Реџепи во бајрамската честитка наведува дека помина уште еден Рамазан, месец со многу жртвувања кои што верниците ги извршуваа доброволно и со многу љубов кон Господ

Петар Печков

Поглаварот на Исламската верска заедница на Република Македонија (ИВЗ), Реис-ул-улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитка до сите граѓани на Република Македонија, верници од исламската вероисповед.

Реџепи во својата бајрамска честитка наведува дека помина уште еден Рамазан,месец во кој верниците ги интензивираат своите молитви, месец со многу жртвувања кои што верниците ги извршуваа доброволно и со многу љубов кон Господ. Месецот Рамазан, потенцираше Реџиепи, е преполн со примери кој што на верниците им овозможува да достигнат што повисок степен на верба.

„Искрениот муслиман, уште од денес го посакува и го очекува желно следниот Рамазан. Бидejќи, Рамазан е месец на ибадетите и рахметот, на меѓубратската љубов и на хуманизмот. Тој е месец на приближувањето еден со друг, месец кој што на совршен начин го оформува нашиот верски идентитет. Токму овие вредности треба да ги посакуваме и целиот наш живот треба да биде Рамазан", истакна Реџепи во својата честитка, и додаде:

„Денес е Бајрам! Сите сме радосни бидејќи ги исполнивме нашите верски должности. Постевме и се молевме за среќа и бериќет, како за нас, така и за целиот свет. Со такво чисто срце да продолжиме и за Бајрам, пружајќи рака еден на друг, како брат со брат, да ги израдуваме сиромашните, да изразиме љубов кон децата без родители, кон нашите родители, кон нашите фамилии".

„Молејќи го семоќниот Алах да го прифати нашиот пост и сите наши молитви и ибадети, ви посакувам среќен празник, да ни е вечен Рамазан Бајрам", рече Реис-ул-улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи на крајот од својата бајрамска честитка.

Во исламската религија Рамазан е светиот месец кој е деветти во лунарната година и секоја година се поместува за 10 дена наназад.  Самиот празник е строга должност – фарз на секој муслиман. Рамазан е најсветиот месец во исламот во кој е објавен Куранот во 610 година. Празникот Рамазан Бајрам се слави по завршувањето на светиот месец. За цело време на светиот месец се држи строг пост. Бајрам е празник кој го слави духовното и телесното прочистување.  

Самиот ден кога се слави Бајрам започнува со Рамазан-Бајрамска молитва, потоа се оди на гробишта да се посетат гробовите на предците и блиските. Потоа се честита празникот прво на најстарите (им се целива рака), а потоа на останатите. Помладите секогаш одат кај постарите. За славењето на денот се приготвуваат и служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава). Празникот се слави 3 дена и за цело време се оди на честитање.

Рамазан е време на пост, молитва, солидарност и милост, во кој муслиманските верници целодневно се воздржуваат од конзумирање храна, цигари, алкохол, но и од лоши мисли, идеи и дела. Рамазан е еден од петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец на добрина, милост, љубов и простување.  Верувањата се дека кога ќе дојде празникот, портите на џенетот (рајот) се отвораат, портите на џехенем (пеколот) се затвораат.

Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови - милост, бериќет и проштевање. Куранот вели дека Рамазан има четири димензии - духовна, морална, солидарна и здравствена. По триесетдневниот рамазански пост, следува тридневен Рамазански бајрам кој се смета за голем празник во исламот. Почетокот на Рамазан секоја година се поместува за 10 дена наназад, односно во престапните години за 11 дена, во однос на претходната година, поради разликата помеѓу исламскиот и грегоријанскиот календар.

АНКЕТА »

Дали намалените цени со новогодишната потрошувачка кошничка се помош за домашниот буџет

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »