речник контакт

Шашардисани времиња премиерно во велешкиот театар

Претставата е комедија за главниот лик кој има можност да се шета низ времето, па тргнува да се жени.Премиерата е закажана за четврток вечер

Петар Печков

Четврток вечер  во 20 часот  велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот премиерно ќе биде изведена претставата ,,Шашардисани времиња,, од  Благој Ристески  Платнар во режија на Стојан Стојановски. Текстот е завршен пред смртта на авторот Платнар, негово последно дело,  македонска варијанта на познатиот  текст на Бертол Брехт ,,Пунтила и неговиот слуга Мати,,.

Претставата се води на стар архаичен но книжевен јазик, јазикот на нашите предци, што и дава посебност, кој на прво слушање е неразбирлив а потоа е вистинска музика и за актерите и за публиката – вели Јордан Витанов дел од актерската екипа на претставата.

Многу ми е драго и важно што го работиме Платнар, тој за мене е  еден од омилените автори, поради неговата специфична драмска поетика и архаичниот  јазик кој не е својствен за останатите автори.  Платнар заслужува да е почесто присутен на македонските сцени. Заедно со режисерот Стојановски создадовме претстава која е на границата од комедија и трагикомедија, емитира значајни пораки  за нас  како луѓе и народ, во движењата  меѓу времињата, се отвораат прашања на кои и денес бараме одговор. Публиката ќе се препознае во секој еден од ликовите во претставата  – вели актерот Васил Зафирчев.

И авторот Платнар и режисерот Стојановски се од Прилеп и одлично го познаваат тој говор, на кој се одвива претставата. Автоиронијата е голема одлика на Платнар, својствена за малкумина.  Создадовме одлична претстава која ќе има долг век а публиката ќе ужива додека ние ја играме  а таа ја гледа – рече Слободанка Чичевска актерка

Претставата  е комедија, главниот лик кој има можност да се шета низ времето, тргнува да се жени.,,Шашардисани времиња,, е работена два месеци и со неа велешкиот театар ја започнува есенската сезона. Во претставата играат Весна Димитровска, Слободанка Чичевска,  Васил Зафирчев, Самоил Стојановски,  Јордан Витанов, Кирил Гравчев, и тројца млади актери Фаик Мефаиловски,  Александар Велјановски,Жарко Спасовски сите студенти на глума.  Сценографија и избор на музика се  на режисерот  Стојановски, костимографија на Александра Крнинова.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »