речник контакт

Шест претстави на годинашниот Стоби

Организаторот најавува квалитетни театарски претстави , една премиера, , три странски, три домашни

Петар Печков

   Шест претстави ќе бидат прикажани на Фестивалот на античка драма ,,Стоби 2012,, кој започнува утревечер (сабота) и ќе трае до 28-ми јули.   Организаторот најавува дека посетителите ќе видат квалитетни претстави, кои сами аплицирале да учествуваат на фестивалот. Најдобрите ќе бидат наградени со статуетка ,,Афродита,, за најдобар актер, актерка, режисер и претстава во целина.

Се трудиме да не одиме со идејата на бројност на програмата , туку на квалитет на понуденото. Затоа годинава имаме шест исклучително силни претстави, три странски, една копродукција, една премиера. Со понудените содржини убеден сум дека ќе ја освоиме публиката – вели Зоран Љутков директор на Фестивалот ,,Стоби,,.

Фестивалот се отвора сабота навечер со ,,Антигона,, на Турскиот Државен театар од Истанбул, кој во Македонија  нема гостувано 15 години. Од Данска доаѓа приватниот театар  Бети Нансен со претставата ,,Електра,,  а  од Вараждин  ХНК со ,,Комедија за лончето,, копродукциски проект помеѓу театри од Хрватска, Словенија и Романија.  

Меѓу избраните претстави се и ,,Медеја,, на Битолски Народен театар,  ,,Одбраната на Сократ,, копродукција на Театар на еден актер и Швајцарска театарска куќа. Праксата од изминатите  години да има премиера на фестивалот останува и годинава, овој пат тоа е,,Архелаос,, на Драмски од Скопје, по текст на Јордан Плевнеш и режија на Владо Цветановски. Во однос на концепцијата на програмата, Љутков објаснува дека во Европа е  многу тешко да се најдат претстави кои се играат на текстови со античка тема а кои можат да се играат на просторот во античкиот локалитет. Затоа најавува дека сите шест се со силен и изразен квалитет.

  Од година во година технички се усовршуваме, за да можеме од малиот број вакви претстави кои се играат во Европа, да прифатиме што повеќе. Таков е примерот на турската Антигона со која се отвора фестивалот и  која е сложена за поставување. Мислам дека од година ќе бидеме  екипирани и во тој дел. Значајно е што годинава десет претстави од земјава и Европа сами се пријавија да учествуваат на фестивалот. Тоа значи дека фестивалот веќе се стекнал со реноме, свое име. Од пријавените  направивме селекција која нема поврзаност во имињата и содржината, туку сите нудат висок квалитет – вели Љутков.

На тој начин ја исправија ланската грешка и ја прифатија сугестијата на тогашното жири, Фестивалот да понуди посилен квалитет на претставите.  На фестивалот ќе присуствува и генералниот директор на сите 86 државни турски театри, кој изразил желба да го следи ,,Стоби,,. Дел од претставите кои ќе бидат прикажани во Стоби, ќе имаат гостување и на ,,Охридско лето,,, тоа се ,,Медеја,, и Архелаос,,

Почетокот на претставите е во 21 часот а цената на билетот е 50 денари.  Претседател на жирито е  професорката по глума од Турција Сетинел Томрис а членови се Јордан Витанов и Слободанка Чичевска. Врачувањето на наградите организаторот најавува дека ќе биде на забава на 28-ми јули  во винаријата ,,Стоби,, за да понудат нешто ново и поинакво од претходните години.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »