речник контакт

Што се Велес, градот на транзитниот и културен туризам, нуди за туристите

Сместен во средиштето на Македонија, Велес има потенцијал за развој на транзитниот туризам. Со богата историја тој е значајна алка во културниот туризам.

Петар Печков

 Тука се вкрстуваа патиштата од исток кон запад, и од север за југ. Освен што е географски  центар на државата, тука се вкрстувале културите  и оставиле обележје  од минатото.  Одличната местоположба на градот ја пополнува  езерото Младост, кое е сместено помеѓу двата крака од автопатот Табановце – Богородица.  Тоа е главната мамка, илјадниците туристи, кои се на минување кон Грција или на враќање од неа, да сопрат тука и се одморат. Освен пофалбите за неговата убавина има и забелешки за пристапноста до него.

Пријатно изненадување не чекаше кога по патувањето од Грција за дома, наеднаш пред нас се отвори прекрасен поглед од езерото. Сакавме да стигнеме до него и се одмориме, бидејќи кога патуваме низ Македонија, нема голем избор на места за пауза. Но не можевме да стигнеме немаше приоден пат. Откако на платната рампа од автопат  ни објаснија,  успеавме некако низ некои ниви да се пробиеме и  здивнавме.  Беше многу пријатно за време на нашиот престој. Имате прерасна можност за заработка но не знаете како да ги привлечете туристите – вели гостин од Ниш, Србија.

Покрај брегот на езерото има два сместувачки објекти, Хотел Романтик и бродот Панини. Секој со своите квалитети ги привлекува гостите, едниот со прекрасниот поглед кон езерото, другиот единствената можност да се одморате на најголемиот брод во Македонија.

Езерото Младост годинава поради највисокиот водостој во последните 20 години, ги освои плажите, но и другиот дел од крајбрежјето и урбаната опрема, па сега е тешко да се најде простор каде да се одмара и сонча. Освен за транзитните гости, езерото преку лето е домаќин и за многу Македонци, кои тука престојуваат, летуваат, кампуваат по три месеци. Ги има најмногу од Скопје, Велес, но и од Куманово, Штип, Свети Николе.    Во камп приколки или дрвени куќички, тука се до крајот на август и покрај тоа што нема вода и санитарни јазли, но затоа има струја и осветлување.

Туристите кои се на пропатување покрај Велес, на автопатот имаат можност да се одморат во Хотелот Монтенегро и пред неколку месеци обновениот хотел Македонија, најголемиот и единствен сместувачки капаците на автопат Куманово – Гевгелија. Одличната местоположба и терасите кои се со поглед кон реката Вардар, како и камп населбата, се магнет за туристите, кои наместо да ја ,,прелетаат,, Македонија, имаат можност  да останат тука здивнат и одморат.

Се трудиме  Велес да го претставиме како транзитен центар, град на културата, со бројни сакрални храмови. На гостите им нудиме и вински туризам, гастрономија. Тука се Стоби, Велешкото кале, стрмните сокаци, европските градби од 19 век и автентичната староградска архитектура. Посетителите можат  да ја почувствуваат традицијата преку велешките специјалитети и вина од богатата гастрономска понуда и заедно со  волшебните звуци на чалгијата.  Во Велес има место и за љубителите на планинскиот и езерски туризам, за вљубениците во природата и интензивниот урбан ритам – вели Горан Петров градоначалник на Велес.

Гостите  задолжително ги  посетуваат црквата Св. Пантелејмон, дело на Андреја Дамјанов која е позната како Македонска Миланска скала, поради нејзината акустичност и манастирот Св. Димитрија.

Тој  е интересен затоа што пет века бил затрупан под земја, за да се зачува од османлиите и во средината на 19 век е откопан. Околу него се пак пет помали цркви, комплекс на храмови кои се неодминливи затоа што се покрај патот за Гевгелија.  Во нивна близина е реката Бабуна со локалитетот Пешти и Макаревац, едно од малкуте  места во земјава  каде живеат ретките белоглави орли и има пештерски цркви. Тие  и фрескописот во нив се редок Балкански пример на оваа уметност и значаен културолошки и историски извор за фрескоживописувањето на подрачјето на Македонија .

Како понуда  за туристите се и спомен куќите на Рацин, Главинов, Џинот, Џинот, Варналиите. Тие годинава бележат зголемена посета и од Народниот Музеј, кој се грижи за нив, велат дека Велес се открива како нова културна дестинација. Изминатата година имало голем број на посетители, ученици, студенти и пензионери кои дошле да ги видат знаменитостите на градот. Но во него недостига туристичко биро, кое на посетителите ќе им ги даде неопходните информации, како да се стигне до  значајните објекти во градот.

Локалните власти се обидуваа со проекти преку ИПА фондовите да обезбедат средства, но немаа среќа, биваа одбивани.  Можностите на Велес решија да ги проверат оваа пролет и шестмина амбасадори на ЕУ во Скопје, кои еден викенд му посветија на градот. Тие уживаа во неговите тесни сокаци, старата градба, вкусните специјалитети,  вина и традицијата

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »