речник контакт

,,Злосторство на 21 век,, четврток вечер премиерно пред велешката публика

Ова не е претстава само за екологијата, животната средина, туку за тоа што го троши животниот простор - кажа режисерот Милчин

Петар Печков

Четврток вечер во 20 ч.  велешки театар премиерно ќе ја изведе претставата  ,,Злосторство на 21 век,, од англискиот писател Едвард Бонд а во режија на  Владимир Милчин.  Ова е прва негова режија на сцената на ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,,.  Тој кажа дека авторот Бонд со неговите текстови ја има одбележано светската драматургија во 20- век. Веќе еднаш во МНТ во 1970-а работел негов текст ,,Тесен пат кон далечниот север,, . Милчин неговите текстови ги нарече драмска поезија за злото, не се забавни но возбудливи. 

Бонд е автор, по чиј прв текст во Англија се укина цензурата  во театарот. Тој е секогаш провокативен и  актуелен, не е подготвен на компромиси,  горчлив автор кој тешко се голта. Но е вистинит. Се занимава со проблеми кои не се денешни и овдешни, не се локални, текстовите ги засегаат проблемите  на Земјината топка. Овој текст говори за идната сегашност, човештвото е на добар пат да ја уништи планетата. Ова не е само  претстава само за екологијата, животната средина, туку за тоа што го троши животниот простор. Не само за земја, воздух, туку за слобода, права, терор врз луѓето. Или што е тоа, што на луѓето им ја одзема човештината, што стануваат сурови едни кон други и спрема самите себеси. Пеколот напредува, ја јаде Земјината топка но и луѓето. Има се повеќе луѓе  ама има се помалку ,,луѓе,, што е парадоксално  - кажа Милчин. 

Тој ја потенцираше новата функционална зграда и сцена,со опрема која  според него најдобри во земјава, без никакви додатоци на шунд и кич и биле неспоредливи со ниту една друга во земјава, што  дало дополнителен мотив во работата на претставата. Двајца Маја Љутков и Жарко Спасовски од четворицата актери, настапуваат и Фаик Мефаилоски и Талија Настова, биле ученици на Милчин. 

Претставата е дело од кое секој гледач ќе си отиде погоден, никој нема да остане рамнодушен, недопрен.   Режисерот Милчин не потсети на сите вредности, кои од време навреме, работејќи ги забораваме, ги пропуштаме - изјави Маја Љутков.  

Во претставата има четири лика, од кои секој пробува да преживее на негов начин. Ќе дојдете и видите на кој начин - рече Мефаилоски. 

Знам дека гледачите нема да останат рамнодушни, ќе ужива и за тоа гарантираме сите од екипата - додаде Спасовски.  

После долго време при подготовката почувствував дека имам верба во театарот, нешто што се работи со љубов, посветеност, заемна поддршка.  Имаме добра претстава која треба да се види - рече Настова.  

Сценографијата е на Крсте Џидров, костимографијата ана Марија Пупучевска, музиката на Марјан Нечак. 

Претставата  ,,Злосторство на 21 век,, е прва премиера годинава финансирана од годишната програма на Министерството за култура, театарот претходно изведе две, финансирани од сопствени средства.   Таа беше најавена дека премиерно ќе се изведен на 21 април, но од театарот се повлекоа, со образложение дека не ги добиле средствата  од Министерството. 

За да можеме да ја реализираме претставата направивме големи резови, споредбено со парите што ги пушти Министерството.  Тоа што ја направивме ,,Злосторство на 21 век,, со скратен буџет е гест кој говори колку ни е важен театарот, потоа дека не сакаме да креваме раце од тоа што ни значи. Најмногу од се ги скративме хонорарите, бидејќи тие не се најважни да се направи нешто - додаде режисерот Милчин.  

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »