речник контакт

ЈВП Лисиче со нова цена за водата кон ЈКП Дервен

Кај поголем дел до јавноста стравувавање дека тоа ќе предизвика нови повисоки цени кои ЈКП Дервен ќе им ги испорачува на потрошувачите

Петар Печков

Покачувањето на цената суровата вода која ЈВП Лисиче му ја испорачува на ЈКП Дервен ги заплаши потрошувачите. Навестува ли ова покачување на ценета и на водата која граѓаните ја плаќаат, е прашањето кое јавноста во градот го поставува. Во октомври месец, по повеќе месечни преговори помеѓу двете јавни претпријатија, цената на водата која стигнува од езерото Лисиче е поскапа за 30 отсто.

Цената на тон вода која  плаќаме сега изнесува 2,8 денари што е многу пониско отколку што ЈВП Лисиче бараше, 3,5 денари. Со сегашната  финансиска состојба на нашето претпријатие веруваме дека нема да има потреба од покачување на крајната цена, која ја плаќаат потрошувачите. Имаме доволно внатрешни резерви и финансиска сила оваа покачување да ги издржиме, без последици по велешани - вели Драган Дамјановски финансов директор на ЈКП Дервен.

  Од почетокот на минатата година за прв пат ЈВП Лисиче започна да ја наплатува водата која ја испорачува на градот, цената до неодамна беше 2,25 денари за тон. Опозицијата во локалниот Совет оваа информација остро  ја пречека. Реагираше дека таа е донесена без нивно знаење иако ЈКП Дервен е под општинска капа и  единствено Советот е надлежен за одобрување на сите одлуки на ова ЈП.

Договорот што на почетокот од ланската година го потпишаа ЈКП Дервен и ЈВП Лисиче и покрај нашите инсистирања не го видовме, ниту што регулира, ниту што со него се работи. Ова покачување на суровата вода е резултат на тој договор. Ние стравуваме дека ова е само чекор кон покачување на цента на водата за граѓаните. Тоа лошо ќе се одрази по стандардот на потрошувачите, бидејќи пред една година  двојно ги качивте цените на гробарините и ѓубрарината. Дали Дервен ќе го издржи овој удар, ако се знае дека два пати годишно има обврска да ги плаќа ратите од кредитот за обнова на водоводната и канализациона мрежа. Велешани со самопридонес учествуваа во изградбата на Хидро системот со признати 12 милиони евра. Цевководот кој е изграден со наши пари го користи Лисиче а ништо не плаќа кон нас – рече Дејан Гавазов координатор на советничката група на СДСМ. 

Тие посочија дека  суровата вода преку системот Студенчица се плаќа далеку пониско за граѓаните на Прилеп, Кичево, Крушево, Македонски Брод чија цена е помеѓу 0,8 до 1,7 денари за тон, што споредбено со Велес е многу  пониско.  Од ЈКП Дервен одговорија дека тие се единствено јавно претпријатие од шесте града кое зема кредит МЕАП и го плаќаат навреме и немаат долгови. 

Јавноста треба да знае дека градовите Битола, Струмица, Куманово кои како  Велес се снабдуваат со вода која доаѓа од брана а не од извор, плаќаат далеку повисока цена. Таа се движи помеѓу 4,2 и 4,4 денари за тон. Велешкото комунално претпријатие споредбено со останатите други во земјава е со далеку помал број на вработени, нема долгови и е со цените во средината по нивната висина во земјава. Кредитот кон ЕБОР во две рати од по 10 милиони годишно е исплатен за изминатите 8 години навреме и со приливот а средства кои го имаме, очекуваме дека навреме иако со мали тешкотии ќе го плаќаме и во наредниот период – вели Дамјановски.

Ланската година, откако Уставниот суд ја укина незаконски донесената цена на ѓубрарината, ЈКП Дервен прв пат во неговата историја забележа загуба од 4 милиони денари. Како мерка на заштеда беше и намалувањето на платите  на вработените за 10 отсто и не исплата на популарниот К-15, така е веќе две години, тие нема да бидат вратени ни во следната. 

По покачувањето на цените на ѓубрарината и гробарините, по само неколку месеци  финансиската состојба се поправи. По 9-те  месеци од оваа година ЈКП Дервен е во плус од  без малку 10 милиони денари. Во одбрана на ЈКП Дервен застана власта во локалниот Совет.

Годинава ЈКП Дервен предвиде 11 милиони денара трошоци наменети за плаќање кон ЈВП Лисиче. За првите 9 месеци платени се 7,2 милиони денари така што комуналното има доволно средства за плаќање на давачките кон Лисиче до крајот на годинава. Со ваквата финансиска состојба тоа нема да има негативни последици – рече Елизабета Чуповска советник на ВМРО-ДПМНЕ.  

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »