речник контакт

Велешката група Кактус по 30 години повторно заедно

Зошто Кактус се една од групите обележје на времето и градот. Чаушот, Боре, Бегинот и Р`жарот се навраќаат на музиката пред три децении

Петар Печков

Велешката поп група,,,Кактус,, (подоцна и фолк) која жареше и палеше по градот во доцните 70-тите години, повторно е заедно. Но не за снимање нов материјал, туку заради  враќање на годните кога  беа на врвот од популарноста  и низ смеа додаваа,,жените по нас коси кубеа,,.

Причина што се збарани е и доаѓањето на  Љупчо Босилков  Чаушот од Германија и Боре Ивановски од Австралија. Заедно со Орце Ржарот и Димче Бегинот, тие се првиот состав, оригиналот  на групата ,,Кактус,, каде подоцна се  приклучија и Трајче Органџиев и Перо Каргов. Тие беа златните времиња на велешката поп  музика.  

Ние кога свиревме на игранки, концерти место немаше уште рано, рано.  Кога настапувавме на мотелот,, Лозар,, или кај ,,Џипунот,, се беше резервирано од понеделник, за преку викенд. За концертите, само под друго име, на почетоците,  во  Хемиска  почнувавме во  5, завршувавме до 8 и крај. После нема,струјата се исклучуваше, сите си одеа. По 8 и пол се гледаа серии, со Чкаља, Мија, дома пред телевизор. И корзото завршуваше. Матине концерт - објаснува Орце Ржаров.

Сите се облекувале пристојно, без долги коси и фармерки, само Љупчо отскокнувал. Секој понеделник во Хемиско каде сите учеле средна, класниот го бркал да се потшиша и облече. Тоа било во  време во нивните почетоци кога ги копирале Битлси,  а врвот на популарноста го имаа во 80-тите години.

Тогаш се забележани и најинтересните моменти, кои останале во градската но и македонската музичка историја.  Поврзани се со рок групата Бијело Дугме.  Да токму со мега популарните сараевчани, кои прв и единствен пат свиреле во кафена во Велес, токму со нив. 

 Бијело Дугме имаа турнеја низ Македонија, беше 90-та тука негде и спиеја во хотелот Македонија кај Велес. По сите концерти се враќаа таму,ама пред тоа идеа во ресторанот кај ,,Џипунот,, Една вечер, тоа Горан лично ни го праина дека за прв и дотогаш единствен пат свиреа комплетни  во кафена.  Пејач им беше Тифа. Свиреа на нашите инструменти. Исвиреа неколку песни. Еден од гостите Владо  се лапна, почна пари да му лепи  на Бреговиќ, тој се разлути и толку од свирката - вели Љупчо  Босилков.

Него велешани го знаат како Елвис Присли. Откако пред две  децении замина од Велес, живее и работи во Швајцарија а лето, додека годинава не се пензионира настапуваше по монденските одморалиште на Балерите ,Палма Да Мајрока и Канарите.  Има интересна дефиниција за овие локации ,, Која мајка си го загубила синот во Европа ќе го најде лете или на Канарите или на Балеарите,,.  

За 4 децении како се бави со музика, му се  нема случено Нова година да ја дочекал приватно, секоја свирел.  Групата ,,Кактус,, ја има промовирано химната на велешките свадби, песната ,,Мавели,, Токму за оваа песна е поврзан вториот куриозитет за сараевската рок легенда Бреговиќ. 

И ова се случуваше во кафаната ,,Кај Џипунот,,.  Менаџер им беше Џаро , со кого седиме на маса и Бреговиќ плус. И Џаро вика, Горан мораш да слушнеш една песна. И ја отсвиревме ,,Мавели,, таа е  кога  на свадбите во Велес ги креваат младите на столици. Горан побара и втор пат и ја снимаше на диктафон. Мина време и по неколку месеци Џаро ни се јавува телефонски  и вели ,, Горан од вашата  Мавели направи хит во Југославија,,. Тој вметнал во рефренот дел од песната, која е позната ,,Те ноќи кад умрем, кад ме не буде,,.- вели Бегинов.

 Потсетуваат дека свиреле концерти со  Вајта, на Мишо Ковач, Зорица Конџа. Тоа додека пееле на море. Тука во Македонија со Мики Јевремовиќ, Дадо Топиќ,.   Босилков свирел бас гитара, Бегинов тапани, Ржаров клавијатура и Ивановски соло гитара.  Името на групата го дале случајно.  Трајче Органџиев додека биле на турнеја по Јадран,  имал предлог да  биде  Жолто Лисје.

Тоа било во време кога биле во  хотел   кој им  дал маички како реклама за објектот. Така решиле да бидат ,,Кактус,, кгао веќе имаат маички со тоа име.  Времето мина но спомените останаа. Згора на тоа сите биле и тогаш и денес другари. Нитка која ги поврзува низ времето.  

Десетина години свиреле по Дубровничкото крајбрежје, Оребиќ, Супетар, Муртер, по два месеци. Со,,Кактус,, секоја година патувал и  Димче Крстев викан Апо  кого го претставувале како менаџер а велат дека бил техничко  лице, им ги носел инструментите. 

Сме свиреле по пет свадби преку викенд, петок вечер, сабота и недела по две на ручек и навечер. Пола град сме развеселиле, како нема да не знаат велешани. Многу сум разочаран, што Велес  денес нема музичка сцена. Жалосно. Во наше време, вриеше од групи, од натпревар, сега нема за жал таква атмосфера. Има фолк групи, поп - рок  не. Нема музичари, само за свадби постојат. Времето како да е  вратено пред 6-7 децении.  Парите од концерти кои како млади ги добивавме, ги трошевме кај Ќопо, под Мостот во кафеаната. Растоваравме сончоглед за да заработиме пари за инструменти   - додава   Боре Ивановски.

Тој   живее долги години во Австралија, има домашно  студио. Неговиот син Кирил  е продуцент,  и за потребите на некоја песна Боре  знае да отсвири соло делница.  Во Велес доаѓа секое лето, и додава,,освен кога сум болен,,.  Минатата година Бегинов по три децении се вратил во Оребиќ на Пељешац, на летување.  Не  почувствувал   разлика дека се сменило., Се видел со сите што  се дружеле, што работеле. Еден дури извикал ,,Ајме Димче нам се вратија,,. Постарите се сеќаваат на нив  и велеле ,,уште се зборува за Вас,,.  На прашањето дали може да настапат повторно  заедно, во глас велат,,немаме кондиција,,. 

АНКЕТА »

Колку сте задоволни од настапот на македонските репрезентативци на ЕП во одбојка?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »