речник контакт

Гонењето на сторителот на семејно насилство да биде по службена должност а не по пријава на жртвата, се бара промена на Кривичниот законик

Tрибината за насилството врз жената за 16 денови активизам против родово базирано насилство

Петар Печков

Потребна е промена на Кривичниот законик за да може жртвите на семејно насилство, пред се жената да ја добие потребната заштита. Ова е порака од трибината за насилството врз жената, одржана во Велес, за 16 денови активизам против родово базирано насилство.

„Со Кривичниот законик предвидената казна е затворска. Таму насилниот, сторителот, не се гони по службена должност, туку по пријава на жртвата. Жртвата од многу причини се повлекува по поднесената пријава, може е економски зависна, станбено. Имаме случаи каде на интелектуалки, сопругот им ја зема платежната картичка и тој ја користи, тие не смеат,
располага со нејзините пари. Се случува често жртвата да се повлече и пријавата паѓа. Доколку сакаме да се променат работите во заштита на жената жртва, мора Кривичниот законик да се смени, државата да стои зад гонењето на сторителот“ – кажа Ангелина Босилкова,
пензионирана судијка од Основен суд Велес.

Од вкупниот број 62 добиени пријави за семејно насилство во ОЈО Велес во 2023, во 31 пријавен случај била отфрлена пријавата, бидејќи најчесто  жртвата се повлекла.

Лани биле поднесени 31 обвинение за кои има 24 одлуки од страна на судија од Основен суд Велес.
Повеќето од нив се со условна затворска казна, за три случаи е изречено психијатриско лекување а во еден случај парична казна.

Постои и Закон за спречување и заштита на насилството врз жените, донесен во 2021, кои според граѓанските здруженија бил добар и квалитетен, но скап за имплементација.

„Тој е најдобар закон за заштита на жената како објект на насилство. Тука не спаѓа само физичкото, има психичко,економско, сексуално. Тука зад жртвата стои државата а најголемата казна е 800 евра. Тоа е прекршок. Но неговата имплементација во пракса чини многу пари и тука се судруваме со проблем. Потребни се пари за создавање на шелтер центри, внатре да работат луѓе, да имаат услови, да бидат опремени. Тоа треба да го финасира државата“ – вели Далиборка Златева од Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености.

Од полицијата пак велат жртвата не препознава што е семејно насилство.

„Секој втор ден имаме пријави за семејно насилство. Проблем е што жртвата не може да разгранични семејно насилство и загрозување на сигурноста, кои се елементите. Им укажажувме што е семејно насилство, не е секој напад тоа. И една навреда се пријавува за
семејно насилство. Треба да биде во континуитет, за да биде семејно насилство“ – кажа Мимоза Трајкова, инспектор за семејно насилство при СВР Велес.

АНКЕТА »

Дали намалените цени со новогодишната потрошувачка кошничка се помош за домашниот буџет

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »