речник контакт

Догодина ќе се гради гасоводот Свети Николе – Велес

Треба да започне и постапката за избор на фирма која преку јавно-приватно партнерство ќе ја гради и секундарната мрежа низ општините

Петар Печков

Велешани ќе причекаат, најмалку  две години,  додека стигне природниот гас во градот. И стопанството и граѓаните  се во очекување да пристигне овој енергенс, кој треба да ги замени постојните, за да имаат помали сметки за струја, за работа но и почист воздух. Денес министерот за транспорт и врски ги најави плановите за работа на поврзувањето со природен гас.

„Наредната година ќе се градат и гасоводите  од Свети Николе до Велес и од Гостивар до Кичево. Потоа се очекува да биде избран и партнер за секундарната гасификација која ќе им овозможи на градовите да го користат гасот“ – кажа министерот Благоја Бочварски на прес конференција.

Делницата Свети Николе- Велес е во должина од 24,2 км.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски неодамна соопшти дека градот ја има завршено проектната  документација.

„Велес е меѓу првите градови кои имаат комплетна техничка документација за  секундарна гасификациска  мрежа . Но малку фајде од тоа, кога главната гасоводна линија  од Штип до Свети Николе, допрва се проектира. Треба да се експроприра, па да се гради и изгради“ - рече градоначалникот Коцевски.   

Министерот Бочварски соопшти дека  гасоводите Скопје-Тетово-Гостивар и Битола-Неготино треба да бидат завршени годинава. Останува  Министерството за економија да ја заврши постапката за избор на фирма која преку јавно-приватно партнерство ќе ја гради и секундарната мрежа низ општините.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »