речник контакт

Зафирчев гостува во театарот во Пула

Нов предизвик за актерот Зафирчев, прво негово гостување надвор од македонската театарска сцена

Петар Печков

Актерот Васил Зафирчев се наоѓа пред нов предизвик,  престојува во Пула, каде во тамошното Истарско Народно Казалиште ( ИНК)  во тек се пробите за настап во улогата на Орест во претставата ,,Електра,, работена по мотиви на Еврипид. Тој е отсутен неколку месеци од македонската сцена, подготвувајќи се за неговото  прво гостување во театар надвор од земјава. Задоволен е од добиената ролја, која бара голема посветеност, но и како е прифатен од хрватските колеги..

Процесот бара целосен ангажман интелектуален и емотивен. Покрај пробите на материјалот имаме и засилени тренинзи и работилници за подигнување на психо-емотивната и физичката кондиција. Барањата и очекувањата се големи, но голема е и творечката провокација,  за една од најпознатите антички драми да се пренесат во еден современ сценски контекст, кој активно ќе кореспондира и комуницира со современото време и со очекувањата на денешната публика. Со  колегите остваривме искрена, убава и творечки креативна соработка. Се работи по високи стандарди и во однос на продукцијата на претставата, но и во однос на процесот на создавањето на претставата – изјави Зафирчев.

  До соработката дошло по покана од режисерот и директорката на ИНК-Пула Гордана Јеромела Каиќ, со која Зафирчев се запознал при нивното минатогодишно гостување на МОТ во Скопје. Улогата во претставата ја добил на аудиција која се одржала во Театарот во Пула, во ноември минатата година, во конкуренција со уште неколкумина хрватски актери. Режисерот Дамир Златар Фрај е еден од најзначајните хрватски режисери кој ужива голема почит и успех во Хрватска, Словенија, Италија и Босна и Херцеговина.

Неговите претстави се карактеризираат со оригинална и специфична театарска естетика и имаат голем успех на многу домашни и странски фестивали. Македонската публика имаше можност да ја гледа неговата претстава "Салома", со која ИНК-Пула настапи на ланското издание на МОТ во Скопје. Во претставата настапуваат и познатата хрватска актерка Хелена Миниќ како Електра, потоа националната првенка на ХНК од Загреб Бранка Цвитковиќ како Клитемнестра, како и седуммина други актери. Костимите и сценографијата за претставата се исто така на режисерот, додека пак оригиналната музика е на Дарко Хајсек а драматизација на Жељка Удовичиќ. 

"Електра" е прва театарска продукција од годинешната програма на ИНК-Пула, а премиерата на претставата би требало да биде на 4 март. Интересот и вниманието за претставата во Хрватска се навистина големи, особено заради составот на екипата  и бидејќи античките драми ретко се поставуваат на театарските сцени во Хрватска.

АНКЕТА »

Дали состојбата со ковид-19, го промени начинот на живот кај Вас?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »