речник контакт

Изложба ,,Вселената како обединувачка алузија,,

Мемети, Керими и Амдиу се претстават со 21 дело

Петар Печков

Во Ликовниот салон во Велес беше отворена изложба на дела на три уметнички  Шкипе Мехмети,  Дита Старова- Керими и Зарие Амдиу.  Таа е именувана ,,Вселената како обединувачка алузија,, на која се претставени  дваесет и едно дело, 10 графики на Мехмети,  десет  цртежи во масло на платно Керими  на и една уметничка инсталација на Амдиу. Истата изложба пред една година беше поставена во Њујорк – САД, по што летово  ја видоа скопјани а сега започна нејзиното претставување и во внатрешноста од земјава.   

Оваа изложба е дел од проектот ,,Кич, дали сте за или не,, кој десет години го работиме, со цел да публиката да и преставиме вистинска, права ликовна уметност.   Сакаме изложби на релевантни автори поставени во Скопје,  да ги пренесеме и преставиме во помалите градови во Македонија.  Изложбата е на три реномирани уметнички, магистрирани на Академијата во Скопје,  кои се  излагани  и во странство – изјави Нате Кецкаровска, организатор на изложбата. Овој проект   ,,Кич, дали сте за или не,,продолжува и во наредната 2017  година.  Изложбата е реализирана во соработка со Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје.

Шкипе Мехмети,  дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде што и магистрирала на одделот графика. Од 2000 година, учествувала во повеќе од 50 групни изложби, а самостојно се претставила во: Њујорк, Нирнберг, Приштина, Висби, Берлин и Скопје.

Дита Старова-Керими дипломирала сликарство со графички дизајн и магистрирала на истиот факултет. Моментално е директор на Националната галерија на Македонија. Досега реализирала повеќе од дваесет самостојни и колективни изложби во САД, Франција, Турција, Косово, Бугарија и Македонија.

Зарие Амдиу дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Тетово, а магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на конзервација и реставрација, насока фреска. Работи во Националниот центар за конзервација во Скопје, како конзерватор за ѕидно сликарство и мозаик. Учествувала на повеќе од 50 групни изложби во Македонија, Албанија, Косово, Бугарија, Турција, САД.

Изложбата ќе биде претставена следните десетина дена. 

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »