речник контакт

Кинески Харбин, град од мраз и снег

Во изработката на градот од мраз учествуваат 100 илјади уметници, кои трошат 180 илјади метри квадратни мраз и 150 илјади тони снег. Се простира на 600 илјади м2

Петар Печков

Кинескиот град Харбин, во провинцијата Хеилогијанг, низ Кина е познат по своите скулптури од мраз, кои секој јануари привлекуваат голем број туристи и љубопитници. Гласиштата за ова спектакуларно место со текот на годините се проширија и надвор од границите на Кина, па во Харбин секоја година доаѓаат десетици илјади луѓе од целиот свет. Оваа година, Меѓународниот фестивал на снегот и мразот во Харбин се одржува по 31. пат, а веќе самиот поглед на замрзнатиот град го одзема здивот.

Од снег и мраз се направени цели згради, дворци и храмови, игралишта, па дури и тобогани и лавиринти по кои посетителите можат да се спуштаат или да се обидуваат да го пронајдат излезот. Особено внимание предизвикува возот во природна големина, кој најмногу им се допаѓа на најмладите посетители.

Привилегијата први да го разгледуваат замрзнатиот град ја добиваат жителите на Харбин, а неколку дена подоцна, тоа можат да го сторат и другите посетители.

Фестивалот трае до крајот на февруари, односно се' додека сонцето не ги стопи репликите на познатите градби, како „Емпаер стејт билдинг“, или римскиот „Колосеум“.

Во Харбин, просечната зимска температура е речиси -30 степени Целзиусови, па поради купиштата снег е соодветен за одржување на таква манифестација. Во изработката на градот од мраз учествуваат речиси 100.000 уметници, кои трошат 180.000 метри квадратни мраз и 150.000 тони снег за да изградат чудесен свет осветлен со ЛЕД-светилки, што се протега на 600.000 метри квадратни. Мразот се довезува од блиската река и со вешти потези се претвора во чудесни скулптури. Фестивалот секоја година го посетуваат речиси еден милион луѓе.

Фестивалот на мраз во Харбин е еден од четирите најголеми светски фестивали на снегот и мразот, покрај јапонскиот Снежен фестивал во Сапоро, канадскиот зимски карневал „Квебек Сити“ и „Ски фестивалот“ во Норвешка. 

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »