речник контакт

Куќата на Касапови е градена со материјал од црквата Св. Пантелејмон и со 5 илјади оки вино

Куќата на Касапови или куќата што лебди е една од знаменитостите на Велес. За нејзината историја и како е градена од потомците на семејството Касапови

Петар Печков

 Куќата на Касапови е една од знаменитостите на Велес. Освен што е пример на старата градска архитектура, таа е позната како куќата што лебди, оти е изградена  на карпа и нема темели. Поради нејзиното значење општината ја купи од сопственици и таа преуредена е  уметнички и резидентен центар.

Но многу малку податоци се познати за нејзината изградба, освен што се знае дека поради сопствениците кои биле касапи, е наречена куќата на Касапови. Нејзините потомци  прв пат ја раскажаа историјата на создавањето на овој објект, кој ги мами воздишките на посетителите. Градена е со ист материјал, како и црквата Св. Пантелејмон, оти се во непосредна  близина. Се наоѓа во месноста Долни Дуќани, близу до куќата на Главинов и Џинот.

Куќата е градена во 1846-та година, започнува да ја гради дедо ми Диме, во исто време кога е градена црквата Св. Пантелејмон. Мајсторите што ја граделе биле од Мелница, градена е од камен, кој е носен од близина на Св. Пантелејмон а останал од градбата на црквата. Тие двете се покрени со исти камени плочи кои се донесени од село Попадија, тоа е  кај село Извор ги носеле на биволски две тркалски кола, оти биле многу тешки – вели Петар Перков, кој ги раскажува информациите што ги добивал од неговиот дедо Диме, сопственикот на куќата.

Тој со неговата сопруга Марија живееле  во местото  каде подоцна била фабриката за ќумци Вила Зора.  Но бидејќи им било далеку да одат секојдневно до кланицата, која била блиску до вливот на Тополка во Вардар, под пругата, попатно нашле место кое е слободно. Околу биле изградени куќи, но тоа бидејќи било камен и останало празно. Затоа Димче решил тука да ја гради куќата.

Мајсторите не работеле по план или нацрт, туку по кажувања на дедо  ми Диме како тој барал така се ѕида, какви потреби имал, така ја изградил. Есента кога се градела куќата дедо ми имал залиха од 5 илјади оки црно вино и не можел да го продаде, немало интерес. Сите велешани имаат по нешто грозје, прават вино, секоја куќа го има и да не остане виното да зафаќа простор од старата куќа, да не го селат  во новата куќа,  ѕидот  кој ја обиколувал  и штител од улицата, е граден наместо со вода со вино. Така пет илјади оки завршиле во материјал за куќата – открива Петар Перков. 

  Тој до седум годишна возраст израснал во таа куќа, оти дедо му откако ќе го затворел  дуќанот, го земал кај нив. Од него и баба му Марија ги слушнал сите  податоци  за куќата, изградбата, историјата. Тие имале три ќерки, Родна која е    мајка на Петар, Македонка Ампова и Вера Хаџи Арсова.

Изградена е на карпи, нема темели. Од лева страна  после влезот имаше ракиџиица, покриена штала каде ја чуваше стоката која ја купуваше а беше за колење. Најмногу работа имаа во октомври кога се подготвуваше пастрма и се  носеа кози и овци . Доле во приземјето имаше  голема ладилница, која беше обложена  со два- три прста дрво храстовина. Во неа имаше каци каде се чуваше пастрмата. Колку голем мајстор беше дедо ми  кажува што и војската во Велес, во Кралска Југославија,  ја снабдуваше во месо.  Колку пари се потрошени за изградба не знам, оти таков муабет не се правел во наша куќа, ниту дедо ми не кажа ниту  мајка ми знаеше. Таа, Родна беше касап, иако беше жена и помагаше при продажбата на кожата – објаснува Петар, кој и покрај осумдесетгодишната возраст живо се сеќава на сите детали за историјата на Куќата на Касапови. 

Најголемото изненадување го доживеал  на аеродром во Загреб, кога прелистувал весници, случајно во 1953-та во чекалната наишол на текст каде пишувало за ,,старата македонска архитектура,, и за куќата  која нема темел. Имало фотографии, текст од репортерот  за куќата на неговите  баба и дедо. Раскажува дека  освен чардакот кој гледа кон Вардар, во продолжение  има подигнување од пола метро кое се вика менсова а архитектите минисофа.  Најубавата соба била одајата, гостинската, каде имало  миндер, касели, розета, доградба каде се поставувал послужавникот за  верскиот празник Прочка, кога доаѓале гости на кој  се поставувале тепсијата со баклава.  Во таа соба се грееле на лакањ а тој бил  во  средина. Тоа е бакрен сад и со него се топлеле,  иако пуштал јаглерод диоксид кој е штетен ама  така живееле.

Во последните четврт век од куќата, до  кога била во сопственост на лозата на Касапови, живееле семејството Хаџи Јаневи, кое  е дел од најмалата ќерка Вера. За спомените од домот зборува снаата Ранка.

Толку беше позната куќата што  во неа доаѓаа гости од цела Југославија да ја видат, посетат, проучат, архитекти, градежници. Имаше отворен прекрасен поглед кон Вардар,  кон Адата, Јаниташ, но беше топла имаше дебели ѕидови. Немавме канализација, не даваа да се поправа оти е заштитена со Закон и беше тешко да се живее таму.  Во 2000-тата ја продадовме на општината. Добивме место каде  ја изградивме новата куќа,  и дадоа пари  со кои успеавме да платиме пола од комуналиите.  Откако ја обновија сопругот Димче, кој е од Касапови не е влезен во новата.  Куќата е многу изменета од тоа што ја оставивме, имаше миндери, долапи, розети, богато украсени тавани. Го нема водник место каде се чуваа стомните, тој беше веднаш после дрвените скалила на чардакот, гледам нацртале фреска на Св. Пантелејмон а слава на куќата беше Св. Арангел кој заштитник  на Касапите.Имаше и интересен оџак, кој сега за жал го нема  – вели Ранка Хаџи Арсова.

Таа ја користи секоја можност да отиде до куќата и ги врти спомените од едно не така  дамна минато време. Куќата на Касапови за прв пат како вреден објект  ја споменува словенечкиот архитект Душан Габријан  кога  со своите соработници околу 1950-тата вршел проучувања, скицирања и фотографирања на македонската  архитектура. Во неговата публикувана дејност таа е запишана како  “куќата што лебди”. 

Габријан  запишал дека ,,ентериерната обработка на просториите била натпросечна, што се должело на материјалната можност на сопственикот. Сите простории биле опремени со вградена покуќнина, раскошно обработени тавани и пластично декорирани врати.  И ако своевремено велешани куќите ги фарбале само во бела боја, сега таа е во друштво со околните куќи кои се фарбани во сина, розе, црвена боја па со белината и убавината  тешко може да се промаши .

АНКЕТА »

Дали користите велосипед во Велес?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »