речник контакт

Промовирани четири книги од Павел Шатев

Пред велешани претставени ,,Историја на Македонија“, „Борис Сарафов -биографија“, „Спомени“ и „Полициско досие (досие УДБА)“

Петар Печков

По повод 121 година од роденденот на познатиот македонски деец Павел Шатев, еден од Солунските атентатори, во Ликовниот салон   се промовираа  четири тома книги од неговото творештво. Издавачката куќа „Македоника“ од Скопје и Државниот архив објавија негови дела со политичка, историска и со биографска содржина.

Тие ја вклучуваат „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов -биографија“, „Спомени“ и „Полициско досие (досие УДБА)“. Првата се однесува на три ракописи за историјата на Македонија, втората книга претставува прва биографија за Борис Сарафов која што Шатев ја пишувал во затворот во Ќустендил, третата книга претставува спомени од неговата богата национална дејност и четвртата се однесува на неговото полициско досие.

Фактот дека Павел Шатев за разлика од Венко Марковски и Панко Брашнаров не завршил на Голи Оток ми дава надеж дека зад тој факт се крие некое ново сознание што само наведува за натамошни истражувања.Шатев е еден од ретките револуционери кои ги преживеале и учествувале во сите фази на македонското ослободително движење. Во 1903-та учествувал во солунските атентати и бил активист на македонската емиграција на ВМРО во Бугарија. По ослободувањето станал потпретседател на АСНОМ и министер за правосудство. Павел Шатев акктивно учествувал во изградбата на македонската држава и сето тоа го забележал во своите ракописи. Но, веќе во 1948-та тој се спречкал со властите. Бил обвинуван за национализам, за неговите врски со СССР и со бугарската амбасада во Белград. Двапати бил осудуван на смрт, во Османската Империја и во Бугарија. Иронијата на случајот сака тој да биде уапсен од сопствената држава, да биде измачуван и да заврши трагично во затвор во Битола во зимата 1951 година – рече Предраг Димитровски новинар, кој истражувал за животот на Шатев.

На  промоцијата говореа д-р Зоран Димитровски, кој го напиша предговор за книгите и  Нове Цветановски сопственикот на издавачката куќа ,,Македоника,, . Се претпоставува дека Шатев вкупно оставил над 4000 пишани страници, па до крајот на годината ќе се објават уште четири тома негови ракописи. 

Павел Шатев живеел 69 години. Издржал три затворски казни во траење од 11 години, четири војни и 50 години бил учесник во македонското револуционерно движење. Умрел во затворската болница во Битола во 1951 година.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »