речник контакт

Старите лица не се заборавени

Година дена на 60 стари лица од Велес, волонтерите од Црвениот крст им помагаа за полесен живот

Петар Печков

 Една година велешките волонтери од Црвениот крст, заедно со две медицински сестри ги посетуваат домовите на  старите и изнемоштени лица во рамките на проектот ,, Нега на стари лица во домашни услови,,. Купување на неопходните потрепштини, храна ,лекови, муабет, но и мерење на крвниот притисок и шеќерот во крвта заради здравствена превентива, тоа се обврските на овие екипи. Општина Велес од неодамна се приклучи и со обезбедување на физеотерапевт, кој им помага на оваа старосна група. Тие не ги кријат зборовите на пофалба и задоволство.

  Овие деца ми ја вратија волјата за живот. Пред да дојдат кај мене, јас бев во депресија, сама и ми беше многу тешко. Но сум импресионирана од тоа каква младина имаме. Има деца кои и покрај се знаат, да помагаат и сакаат тоа да го прават. Доаѓаат и надвор од обврските, се нудат за помош. Волонтерот Ангел иако е студент често навраќа кај мене. Кога оди на пазар, му кажувам во кои рамки можам да си дозволам да купам тоа што ми треба и така бива. Дури јас кога  сама си купував лекови плаќав по 700 денари, тие сега истите ги нашле за 400-тини и ми враќаат кусур до денар со фискална – вели  Цветанка Јанакиевска пензионерка од Велес.

Таа при посетата на екипите доби пакет со храна која е донација од Австрискиот Црвен крст. Наизменично бесплатно  еден месец се дели храна, зејтин, шеќер, брашно, макарони а следниот месец лекови. За реализација се грижат 22 лица на терен, две медицински сестри и 20 волонтери од подмладокот, кои се тука кога треба помош.

  На старите лица им е потребна помош,  затоа се вклучив ова го правам со задоволство. Тоа не се одразува на моите училишни обврски. Подготвен сум да им ги задоволам нивните барања, било да е да купам нешто, лекови, леб, млеко, храна, рецепти за лек, да го фрлам сметот, да чистам ако има потреба. Со некои од нив одевме на лекар специјалист со други на прошетка по улица – вели  Марјан Ѓоргиев волонтер од Црвениот Крст.

Секое  лице се посетува еднаш неделно, четири пати во месецот а посетата трае по 60-тина минути. Ова е пилот проект на  Републичкиот Црвен крст, финансиран е  од Австриската Агенција за развој и тамошниот Црвен крст.  Трае две години а во Велес е помогнат и од локалната власт која обезбедува физеотерапевт. Обуката за овој проект беше реализирана во Црна Гора, каде тој се спроведува повеќе години. Освен во Велес се реализира и во Скопје и Крива Паланка. Иако на половина пат, корисниците бараат тој да продолжи.

Јас сум презадоволна од  работата на волонтерите, ми помагаат секогаш кога ми треба. Излеговме и прошетавме низ Младински, кој иако ми е во соседство, поради проблемите со видот не бев излезена од дома. Со нив бев и на преглед на интернист, ги засакав како мои деца и би скала проектот да продолжи, потребен ни на старите лица - Нада Јаковлева домаќинка од Велес.

Проектот ги дава очекуваните резултати, грижата за старите и изнемоштени лица е подигната на повисоко ниво а зголемен е интересот за него. Двете медицински сестри кои го работат, се судруваат со проблем да одговорат на зголемените барања за вклучување на други стари лица.

Проектот е одлично прифатен, за него се знае, корисниците одлично го прифатија. Сега не сретнуваат стари лица и бараат и тие да се вклучат. Емотивно се поврзавме со сегашните корисници,  дружењата добија нова димензија. Сега сме големо семејство. Можат да се јават било кога од денот   ние им  стоиме на располагање -  вели Тања Јаковлевска медицинска сестра која заедно со Катерина Русјакова  се грижат за здравјето на старите лица.

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »