речник контакт

Стотина диви тезгаџии, проблем за цел град

На бројните поплаки од граѓаните, купувачите, пазарџиите, училиштата Џинот и Благој Кирков, ТУШ маркетот се приклучија и од ЈКП Древен

Петар Печков

Нелегалните препродавачи ја узурпираа околината на Градскиот пазар во Велес и создаваат проблеми на легалните продавачи, на учениците од соседните училишта но и на купувачите од маркетот на ТУШ. Во пазарните денови, вторник, петок и недела, нив ги има повеќе отколку што се легалните внатре во пазариштето.

Дивите тезгаџии ниту плаќаат такса, ниту давачки и се нелојална конкуренција на тие што имаат потребна документација. Со ова губи и градот и државата, но и пазарџиите кои имаат регистрирано дејност. Тие повеќе пати реагирале на ваквата состојба и бараат надлежните да воведат ред.

Вака повеќе не може, мора да се почитуваа законите во државава. Ние може да плаќаме се што треба а на чекор од нас, преку оградата, да има диви препродавачи кои не плаќаат ништо и ги собираат парите од купувачите. Со години се толерираат, од за нас непознати причини а инспекцијата молчи. Немаат никаква документација, се е дива лига, храна по земја продаваат и за ова се молчи – велат пазарџиите од Велес.

Купувачите пак се жалат дека од дивото освојување на приодите на пазарот, не може да се влезе во него. Во количка за пренос на земја, се нуди текстил, земјоделски и прехранбени продукти на очиглед на инспекцијата која тоа го гледа и молчи. Но овој проблем со дивите тезгаџии  реагираат и од ЈКП Дервен, бидејќи тие влијаат на работат на Р.Е. Пазари.

Изминатите три - четири години најголем проблем претставуваат дивите продавачи околу пазарите, кои ги има околу стотина на двата пазари. Истите не плаќаат ништо на никого, па и нас. Пазарната инспекција ни забрани да им наплаќаме на овие продавачи надвор од пазарот. Од нивното работење економски губи и Државата и ние како претпријатие, а од друга страна револтирани се и легалните продавачи внатре во пазарот. На повеќе пати сме реагирале до надлежните институции за оваа проблематика и усно и писмено, но нема никаква реакција за решавање на проблемот - велат  надлежните од ЈКП Дервен.

Овие нелегални препродавачи се лоцирани на еден од малкуте паркинг простори во градот, со што се узурпира место кое е дефицитарно во Велес. Окупираниот простор им создава проблеми на купувачите од соседниот маркет на ,,ТУШ,, кои нема каде да ги остават автомобилите  додека пазарат. Од ТУШ реагираат дека кога го отворале маркетот, им било ветено дека паркингот ќе биде слободен секој ден, а сега во пракса тоа е секој втор ден, кој не е пазарен.

Проблеми со просторот каде се лоцирани дивите тезгаџии имаат и повеќе стотина ученици од двете основни училишта Благој Кирков и Јордан Хаџи Константинов Џинот, под чии прозори се препродавачите а вревата жагорот не дозволуваат да се одвива нормално наставата. И тие бараат да се запре ваквата лоша пракса, бидејќи се  користат санитарните јазли во училиштето, заедно со учениците а службениот влез за зградата е окупиран, па се користи задната врата. Градоначалникот на Велес знае за овој проблем, но за негово решавање вели дека е потребна поширока акција.

Доколку сакаме да го решиме тоа, потребно е заедно со нашите инспектори да се биде  полицијата и другите инспекции. Затоа треба вклучување на повеќе надлежни институции – изјави Горан Петров, градоначалник на  Велес.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »