речник контакт

Штетите од излевањето на Вардар и поројниот дожд во велешко се 3,85 милиони денари

Оштетени се 41 семејство, кои очекуваат дека државата ќе им помогне

Петар Печков

Штетата од излевањето на реката Вардар  кај Велес, кое се случи на 27-ми февруари  во месноста Речани  причини 3,2 милиони денари штета.  До локалната власт се пријавиле 24 лица од кои кај шестмина била констатирана незначителна штета, додека кај останатите 18 уништени се 5,5 хектари површина со раноградинарски култури.

Најмногу настрада морковот 100 отсто, додека зелката, марулата, младиот кромид и лук, магдоносот, грашокот и покрај што биле поплавени немало штети, констатирала надлежната комисија. Констатирана е штета и кај неколкумина сопственици на фолии и придружна опрема.

Општинската комисија за проценка на штети побара од Владата да се исчисти каналот, кој мине низ поплавените парцели во реонот на Речани, како и чистење на коритото на реката Вардар и изградба на заштитни појаси и насипи долж градот Велес.

Поројниот дожд кој паѓаше при крајот на февруари оштети и повеќе домови  во градот, за што до локалната власт стигнале 23 барања за надомест а едно е отфрлено оти немало штета.  Во најголем број од овие случаи уништена  е белата техника и мебелот, откако водата навлегла во домовите. Проценетата штета во овој случај е 650 илјади денари. Процената од штетите, во висина од 3,85 милиони денари ќе биде испратена до Владата, за таа да одлучи дали и колку ќе ги обештети настраданите.

Кога Вардар се излеа дел од сопствениците на поплавените површини најавија дека нема да поднесат барања, оти не им се исплатени штетите од 2010-татата година. Се пожалија дека не можат ниту да ги осигурат, оти компаниите кога ќе дознаеле дека имотот е до реката  не се согласувале да работат или пак барале високи премии. Оваа пракса како новина била воведена по 90-тите години од минатиот век. Средства немаат добиено ниту жителите од Потокот кои во 2008-та настрадаа од поројниот дожд, иако им беше ветено дека ќе добијат 30 отсто од проценетата штета.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »