речник контакт

Дали локалната власт е најголемиот неплаќач кон ЈКП Дервен

СДСМ – Општина Велес должи милиони суми кон ЈКП Дервен, Општина Велес – имаме одлична соработка со ЈКП Дервен

Петар Печков

На прес конференција Општинската организација на СДСМ од Велес, на ЈКП Дервен објави дека Општина Велес трупа долгови кон Јавното  претпријатие. 

За ова тие  се повикуваат на кварталниот извештај и ланскиот годишен извештај. Го повикуваат раководството на  ЈКП Дервен јавно да каже каква е финансиската состојба во претпријатието.

Минатата година, Јавното комунално претпријатие „Дервен“ изработило и на Општина Велес и фактурирало над 10.000.000 денари за јавна чистота и  на тие фактурирани пари  платил данок на државата. Но, Општина Велес наместо да ги плати изработените и фактурирани 10.000.000 денари, на Дервен му исплатила нешто повеќе од 10% односно само 1.030.833 денари, со што останала должна околу 9.000.000 денари. Катастрофалното менаџирање со финансиите продолжува и оваа година. За оваа година, Општина Велес и градоначалникот  Чадиев во буџетот  превидоа 10.500.000 денари за јавната чистота, но за првите три месеци не е исплатен ниту денар кон ЈКП “ Дервен”. Ваквиот однос на општината кон Дервен, како и молкот на раководството на комуналното претпријатие отвора сомнежи за намерно уништување на јавното претпријатие – изјави портпаролот Весна  Богоевска  Стојанова. 

Од Општина Велес реагираа со писмено соопштение, но без одговор дали  имаат милионски  долгови  кон ЈКП Дервен.  

За односот помеѓу Општина Велес и ЈКП Дервен ќе напоменеме дека никогаш не бил подобар. Затоа во овој изминат период заеднички реализиравме многу проекти на полето на комуналната инфраструктура. Доколку заборавиле или не знаат ќе ги потсетиме дека во изминативе четири години изградени се водоводи за селата Црквино, Новачани, Сливник, Дорутовец, Чалошево како и за населбата во близина на Порцеланка. Во градското подрачје поставени и реконстуирани се 34 нови водоводни линии со вкупна должина повеќе од 40 километри. Господа од СДСМ, граѓаните се свесни и знаат дека помина времето кога ЈКП Дервен ненаменски трошеше средства, како што тоа беше случајот парите од МЕАП кредитот, појава за која своевремено реагираше и тогашниот Градоначалник – стои во реакцијата.

АНКЕТА »

Дали користите велосипед во Велес?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »