речник контакт

Младиот кромид од Башино село, се откупува за Хрватска

Откупот по само една седмица заврши, производителите стравуваат каде ќе го пласираат во следниот период, цел април

Петар Печков

Недела дена интензивно  младиот кромид се откупува од велешко Башино Село и завршува на масите во Хрватска. Околу 500 тони од овој раноградинарски производ  се продадоа, кои дневно по два до  три  шлепери ги извезуваа за тамошниот пазар.  Така најпознатиот велешки бренд, младиот кромид од Башино село, годинава завршува на Хрватскиот пазар. Производителите се задоволни  од цената и досегашниот откуп.

Се откупува 40 денари за килограм. Тоа е на минатогодишно ниво.  Задоволни сме што успеавме да пласираме дел од годинашново производство. Соработуваме со познати откупувачи  и досега немало никаков проблем. Знаеме и за повисока цена од 50 денари но имало години кога се откупуваше и за помалку по 20 денари за килограм  – велат жителите на Башино село, кое е најголемиот производител на млад кромид во земјава.

Секое семејство од петстотините  во селото се бави токму со одгледување на оваа култура.   Затоа и селото во овој период мириса на кромид.  Се корне, се чисти,  се врзува, обработува.  И додека  Хрватска остана верен купувач на младиот кромид од Башино село, се изгубил пазарот во Србија и Косово.

Годините наназад доаѓаа купувачи од Србија, сега ги нема толку многу, не знаеме од каде се снабдуваат, но не повеќе од кај  нас. Ниту косовците не купуваат, тие набавувале од Албанија. На времето во СФРЈ Башино село ја снабдуваше цела земја, 22 милиони сега  се смали пазарот – велат Башиноселци.

Досега немало проблеми и со  наплатата на младиот кромид, кој годинава оди преку трансакциска, не  како порано на рака. Тие стравуваа дека можеби нема да се платат веднаш откупените количества.  Проценуваат дека третина од целото годинашно производство се извезува за Загреб. Производителите  девет месеци мачно работат за младиот кромид во овие  два месеца, март и април,  да стигне на нашите и на странските трпези.  Во одгледувањето кое започнува уште во јуни завршува следната пролет, се вклучени цели семејства, од најстарите до најмладите. Тоа е основна егзистенција во  селото. Но веќе од понеделник, тие  ќе се судрат со  проблем, со пласманот.

Оваа година имаме краток период на сериозен откуп. Само оваа седмица. Католички Велигден е в недела и вчера  (четврток) дојде последниот шлепер за Загреб, повеќе нема. Тоа што се продаде, се продаде, како ќе биде натаму е неизвесно. Знаеме дека ќе царуваат накупците, цента ќе падне а има уште многу млад кромид да се продаде – велат производителите.  Затоа е разбирливо кога во наредниот период, до православниот Велигден и Први мај, ќе очекуваат  во селото да забрмчи камион, дека доаѓа откупувач кој им дава надеж дека остатокот од  нивниот труд нема да биде  непродаден.

АНКЕТА »

Како го минувате времето дома во полицискиот час?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »