речник контакт

Време е Велес да добие покриен пазар

И купувачите и продавачите и ЈКП Дервен согласни, ваков како што е Градскиот пазар е лошо решение

Петар Печков

Зимно време кочан ладно , летно време изгор  врело а кога врне  прокиснува. Ваква е состојбата со Градскиот пазар во Велес. За лошите услови  кои таму ги има, согласни се и пазарџиите и купувачите и сопственикот ЈКП Дервен. Така е со години, па затоа стигнуваат и првите реакции од продавачите и купувачите.

Треба еднаш да се уреди пазарот, да се покрие.  Сега како што е, е многу лошо  по сите. Кога врне  не можеме со чадор да се разминеме по тесните патеки. Време е Дервен да размислува за покриен пазар. Велес остана меѓу малкуте градови во Македонија. Сега како што e,  го надмина времето, мора да се осовремени просторот - вели Никола Саздов, пензионер кој доаѓа на пазар секој вторник, петок и недела , кога се пазарите денови. Продавачите пак имаат подолга листа на поплаки, за која веруваат дека ја знае и раководството на ЈКП Дервен.

Пред месец дена кога беше студот, изѕемнавме. Производите ги покривавме со ќебиња да не изѕемнат и тие како и нас, па да останеме без пари само со студот. Продаваме со ракавици, од стреите кога врне во глава ни се цеди водата. Со еден збор кажано лошо е, ни се одразува на здравјето. Точно дека сме земјоделци, ама не сме имуни на студ. Летно време пак кога ќе опече сонцето на лимовите, не гуши од врелината – вели продавач кој има 20 годишен стаж на велешкиот Пазар. 

На него има 220 тезги, и само тие за јајца и сирење, согласно Хасап системот се во затворен ѕидан простор, се останато е на отворено. Како и пред половина век, ништо не е променето.  Од ЈКП Дервен признаваат дека временските услови  имаат негативно влијание врз работата на пазарите. Во првите три месеци од ланската година  кога   температурите стигнуваа  до -18 степени, а од средината на мај до септември, со  пеколни горештини и до + 40 степени, довело до намалена понуда и побарувачка на работа на пазарите, пишува во годишниот извештај на Р.Е. Пазари. Ова влијае на финансиската кондиција на ова Јавно претпријатие.

 Проблемот е сериозен, сме правеле пресметки за да се изгради покриен пазар, но финансиски не сме толку моќни.  Тоа е голема инвестиција, ќе треба да ни помогне локалната власт и тоа заеднички да го сработиме – вели Фиданчо Цековски директор на ЈКП Дервен. Дел од јавноста во градот, стручни лица, размислуваат преку јавно приватно партнерство да се изгради покриен пазар, по теркот на некои други градови во Македонија. Одлуката за тоа е на Советот на општина Велес, која единствено може да одобри таква реализација.

 
 Најголем проблем во работењето на Р.Е. Пазари  и понатаму претставуваат нелегалните продавачи околу пазарите. Нив од ден на ден ги има се повеќе и нивната бројка е околу  120 лица, на околу 220 легални продавачи во пазарите,  или ги  има над 50 отсто нелегални продавачи. Поради ова во повеќе наврати, леганите продавачи  со петиции се обраќаат до ЈКП Дервен со барање овој проблем да се разреши, зошто во спротивно и тие ќе го бојкотираат плаќањето внатре во пазарот. Во повеќе наврати ЈКП Дервен реагирал до надлежните институции Пазарната инспекција, МВР- Сектор за сообраќај и Пазарниот инспектор, и усно  писмено, но нема никаква реакција од нивна страна за решавање на проблемот

АНКЕТА »

Велес е еден од малкуте градови во Македонија, кои немаат пешачка зона во центарот на градот. Дали сте за улица 8-ми септември од Сармаале до споменикот на Илинденците да биде затворена за сообраќај а тој дел пешачка зона?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »