речник контакт

Лазо Смилев мајстор за тесто креации

Како пекар работел во фурните на Сармаале, произведвуал симит, наутлии, ѓевречиња. Како мајстор за тесто ги создал Железен мост, Саатот...

Петар Печков

Лазар Смилев освен што е голем пита  мајстор, тој  е уметник за тесто. Со своите креации има освоени бројни први места на натпревари. Ги има создадено Градскиот сат, Железниот мост, Македониумот од Крушево, Ајфеловата кула од Париз.

Сите тие ги создадов на натпревари и тоа во рок од четири час. Толку време имавме да ги создадеме.  Но не се јадеа, оти се подготвени од специјално тесто, беа само експонати, не за јадење. Голема конкуренција имав во тетовчани и тие беа големи мајстори – се присетува Лазар. Тој пекарскиот занает го изучувал како средношколец. 

Работев во Градските фурни од 1958-ма . Тие беа на плоштад Сармаале, две имаше. Една  специјално произведуваше само наутлија. Тоа е еден вид на   посебен квасец се прави од слануток, не како овој кисел  што се прави во Прилеп. Наутот е посебно тесто за печиво. Тогаш се произведуваше ѓевречиња, симит и сомун наутлии. Тоа е турско производство, останато од Турците. Се јадеа до 60-та година. Таа фурна каде работев и се печеа беше на  Пано Каров, беше токму под јаворот, каде сега има трафика, кај Интернационал. Тука се печеше, продаваше. На плоштадот, кај НА-МА имаше две фурни. Продаваа едната  само бурек, а другата само банички  и сарајлиња. Имаше и трета фурна, каде  е сега затворената продавница на Жито Вардар, кај Коњот. Таа фурна беше на  Ладе Тевчев. Таму се продаваше печиво - се присетува Лазар.  

Работниот ден бил скалесто определен. Прво биле тие што го меселе тестото, тие доаѓале најрано, потоа тие што го формираат, обработуваат, па тие што печат и на крај продавачите. Денот почнувал рано или доцна, за кого како.

Имаше многу работа во тоа време. Тие што идеа први доаѓаа во 9 навечер, тогаш почнуваше да се подготвува лебот, печивото за утредента. Се работеше до 10 другиот ден. Но бевме платени. Ништо не остануваше јадење, се се продаваше. Баш пред некој ден ја видов починала продавачката Сава Стојанов. Таа беше таму со години.   Треба да се знае, ние на едно место печевме а до нас имаше друг киоск, таму се продаваше. првиот автобус одеше во 4ипол и работниците купуваа. Се одеше на  работа  во три тури. Имаше за сите, бурек, симитчиња наутлии, кој што сака. Река народ одеа на работа, Порцеланка, Лозар, Свилара. Ништо не остануваше, се се јадеше. народот работеше и имаше пари - вели Смилев. За жал фотографии од овие фурни нема, домашната документација некаде е затурена,. но затоа се останати спомените фотографиите со неговите уметнички дела од тесто. 

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »