речник контакт

Бентот, старото велешко капалиште уште живее, но повеќе во спомените

Приказната за Бентот од Ѓоре Ќотата, Воислав Ќириќ и друштвото. За плажата Голи Оток и Шорка. Има ли шанси овој простор да оживее како што тоа го стори Цоро

Петар Печков

 Некогашно велешко капалиште Бентот и денес е место каде се собираат  во лето постарите велешани да се разладат во реката Вардар. На влезот во градот, далеку од сограѓаните, скриени  во терен обраснат во трска и шавар, неколку групи возрасни велешани така се враќаат во времето на младоста и спомените.  Уживаат во попладневните часови, под  сенките од врбите и во ладната вода. Воислав Кириќ е највозрасниот во групата од триесетината капачи.

На Бентот израснав како дете и до ден денес сум тука. Од мај до септември. Од дома како дете не ми дозволуваа, ама кришум доаѓав, тука научив да пливам, тука доаѓав се девојката, овде ми мина младоста и цел живот. Името го доби по бетонската градба со која Вардар се минеше од едниот на другиот крај.  Не беше тоа мост, туку патека. За сиве овие години сведок сум како реката го менуваше своето корито, час лево, час десно. Тука доаѓаа од цел Велес на разладување, оти одводните цевки од фабриките  Ветекс  и од  Маслодајна се подолу и  реката секогаш беше чиста. И по толку години бањање, во тврдат загадениот Вардар, јас сум здрав како челик – вели седумдесет и пет годишниот Воислав, кој тука на 5-ти август во друштвото го прославил роденденот.

Тој помни многу случаи кога спасил давеници, но имало и кога за некои немало пак спас, било предоцна. Вардар е тука длабок и непредвидлив, тежок за пливање и див. Воислав заедно со неговиот пријател Ѓоре Зафиров ја имаат изградено плажата  ,Голи оток,,. Името и го дале оти е пуста, нема сенка и на неа може човек да изгори од сонцето за еден час. Погоре од оваа плажа е втората, именувана е Шорка. Таму пак е друга група од десетина љубители на Бентот. Тие секое попладне се тука, на одмор, рекреација, забава. Пензионери, стечајци, технолошки вишок, овде во муабет и добро друштво го минат времето. Под сенките на врбите кои сами ги засадиле, пред многу години, дел од животот минуваат покрај жуберливиот Вардар. Карти, шах, најмалку политика, мезе и салата, и денот проаѓа.

Не често, туку секојдневно сме тука на Вардар преку летото. Овде ни е убаво и жалам што велешани го заборавија ова место за капење. Ќе дојде по некој млад ама ретко. Овде беше најчиста плажата и тука беше најголемата гужва во лето. На Адата, на железен мост или на Јаниташ имаше помалку народ. Тука беше главното собиралиште на велешани, сега за жал е пусто и празно  – вели Ѓоре Ќотата.

Тука се и Лазе од Карпа маале, Лазе од Гимназија, Ристо капетанот, Ацо рибарот,  Тале од Интернатот, Баба, Панта, Бошко шоферот, Гече, Ѓоре - ѓука. Поголем дел од нив ги поврзува 2001-та кога се запознале како резервисти во тетовско при воениот конфликт. Врските продолжиле и сега заеднички летуваат покрај Вардар.  Сите присутни на Бентот се едногласни во одговорот на прашањето, како ја користат реката, кога тој е загаден и забранет за бањање. ,,Никој, ама баш никој за сиве овие години не се разболел иако секој ден по неколку пати се бања во Вардар,, . 

Бараат од локалната власт, по теркот на Скопје да ја уреди плажата,  да го исчисти патот до Бентот, да ја отстрани трската и среди просторот, да се стави туш, па кој сака нека се бања други нека само одмараат.  Но убедени се дека тука може да се минат убави часови на одмор и забава. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »