речник контакт

Медот дефицитарен на пазарот, цената скокна

Медот го нема ни за лек, ниту за 250 денари за тегло. Лошите временски услови пролетва, резултираа есенва со немање мед на пазарот

Петар Печков

Цената на медот скокна за една тегла и до 300 денари во некои делови од земјава,  оти го нема ни за лек. Лошите временски услови пролетва придонесоа  производот на пчелите да биде дефицитарен на македонскиот пазар. Го нема за продажба, го нема ниту за пчелите.

Ако лани се продаваше од 180 до 200 денари, годинава е осетно покачена неговата цена од 250 до 300 денари за килограм на мало. Пчеларите се во лоша состојба, бидејќи пчелите немаат мед ниту за прехрана, па мораат со шеќер уште отсега да ги хранат.

Состојбата е стравична, многу е лошо. Нема мед, не сега туку уште во јуни месец се навестуваше дека ваква ќе биде состојбата. Традиционалните купувач доаѓаат бараат а мед нема. Ниските температури пролетва и краткиот период на ,,медење,, користење на цутот од пчелите, не доведоа во ваква положба – вели велешанецот Љупчо Стојановски.

Тој има 200 кошници со пчели во еколошки чиста средина, во околината на селото Ногаевци.  Од нив прибрал два тони. Пролетва неколку сандаци пренел и во штипско да собираат мед од цвет на памук, но тие не слетувале на овие цветови.  Во Велес  цената на тегла килограм мед стигна до 250 денари, додека во градовите кои се  близу до границата тој се продава за 300 денари на мало, со тегла. Одгледувачите велат дека таму е повеќе баран поради Грците и Албанците кои го  купуваат во големи количества. Пчеларите објаснуваат  дека состојбата е лоша во цела држава, а во кошниците нема доволно мед да се прехранат пчелите, а не пак да остане и за продажба.

Оваа година од 150 сандаци извадив само 500 кг мед. Освен што не се погоди времето и многу стршени  и оси ги нападнаа пчелите. Бидејќи го нема медот на пазар, се што имав продадов. Го дадов  на големо за 200 денари -  рече Аце Јовановски од велешкото село Стари Град.

Краткиот период на цвет на багремот, на трнот кој пчелата може да го користи за создавање на мед, од само неколку топли денови во мај и јуни биле причина за ваквата состојба. Утринските ниски температури кои се симнувале и до 10 степени во овој дел  од годината, не создале нектар кој пчелите можат да го користат за мед. 

Во кошниците сега нема мед ниту за прехрана на самите пчели. Мора да купуваме шеќер, да правиме  пити со кои ги храниме пчелите. Годинава почнавме рано со прехрана а нема мед ниту за по дома – вели Слободан Илиев од велешкото село Еловец.  

Стручњаците објаснуваат дека проблемот е присутен во поголемиот дел од Македонија, Поречието, Централна  Македонија, Пелагонија, додека во штипско не бил така силно изразен. Според професорот Мишо Христовски има повеќе фактори кои придонесоа медот да го нема годинава  во планираните количини.

Климата годинава не беше поволна. Во периодот на цутот на багремот, трнот, липата имаше врнежи, негативни  климатски влијанија. Потоа кај пчелите има болести кои пчеларите не ги препознаваат на време, не ги гледаат и откриваат благовремено. И трета причина е светскиот тренд, секоја година има угинување на 40 отсто од пчелниот фонд. За ова има десетина фактори а најзначајни се еколошките, климатските, прскањето со пестициди на одредени цветови и новите болести – изјави д-р Мишо Христовски професор на Факултетот за  Ветеринарна медицина во Скопје.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »