Петар Печков
Објавено: четврток, 26 ноември 2015
Министерството за економија распиша јавен повик, со кој троската близу Велес се изнајмува за експлоатација. Јавниот повик е објавен во службен весник од средата и со него се бараат заинтересирани, кои имаат намера да ја користат јаловината, која е резултат на три децениското работење на Топилницата. Истата се води дека е на локалитетот ,,Баш колиби,,.
Рок на користење на јаловиштето е десет години а право на учество на јавниот повик имаат домашни и странски правни лица. Јавното наддавање ќе се одржи по електронски пат, преку е аукција на 18-ти декември во 10 часот. Во распишаниот јавен повик не е пишана почетната цена, таа е достапна само до тие што ќе подигната тендерска документација.
Постапката за јавна објава ја спроведува Министерството за економија и од таму објаснуваат дека таа е согласно Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Од таму објаснија дека нема ништо спорно што јавно не се објавува почетната цена.
Ова е наша пракса, не е прв пат во јавниот повик да не се објави почетната цена. Таа ќе ја дознаат тие што ќе подигнат тендереска документација - објаснија од Министерството за економија.
Депонијата со згура близу Велес е една од црните еколошки точки во Македонија. Според стручните проценки таа е тешка 1,7 милиони тони, и во ена има 8 отсто цинк, еден отсто олово, како и кадмиум, што овозможува економска експлоатација. Целта на давањето под концесија на троската е да се отстранат штетните влијанија од депонијата со згура, која создава здравствени проблеми на жителите на Велес.
Tweet |