речник контакт

И погребот со песна и оро, по аманет од починатиот

Велешани помнат повеќе случаи кога на погребот, во тага, се пеело, се свирело и се играло, таква била желбата на покојникот

Петар Печков

Последното испраќање е секогаш со болка и тага, по блискиот кој заминува од овој свет.  Тогаш кога солзите сами течат во Велес имало случаи на гробот од покојниот да се пее, да се свири и да се игра. Не од радост, туку да се исполни аманетот,  последната желба на починатиот.

Ако за артистот е вообичаено да биде испратен со аплауз, тогаш за музичарите не е чудо што на нивниот погреб има музика.  Прв ваков случај е забележан на погребот на  Евгенија, мајката на познатиот македонски музичар на класични дела  велешанецот Стефан Гајдов. Нејзе ја испратиле со песна и тоа,,Ајде слушај, случај, калеш бре Анѓо,,. 

Евгенија мајка му на Стефан Гајдов, наша баба по татко, ја памтиме  како голема песнопојка, музички неписмена, но многу музички надерена. Многу убаво пееше, омилена песна  и беше ,,Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо,,. Кога Евгенија  почина во 1952 година, беше погребана со плех музика. И свиреше пожарникарско – милиционерско друштво од Велес.  Беше чудо во тоа време, плех музика на погреб. Тоа се случило прв пат во градот -  се сеќава Благој Гајдов, нејзин внук од син.

Постарите велешани неа ја помнат и како одлична играорка и таа била меѓу подобрите во тоа време. Уште една велешанка заминала во вечниот спокој со музика. Тоа  била Анисија Виларова, која била голема играорка.  На гробиштата од црквата Св. Пантелејмон Анисија била испратена со музика и оро.  Друг момент, кој е запишан во градската историја е заминувањето на прославениот чалгаџија, виолинистот Ало Тончов. Пензионираниот чалгаџија Шеро Асанов се присетува на тие моменти. Тој  е сведок на овој настан и директен учесник во свирката. 

Додека крај пресниот гроб сите плачеа, ние свиревме за последен поздрав на нашиот виолинист Ало Тончов, оти таков аманет ни остави, на погребот да му свири чалгијата.  Иако сите плачеа, а и нам солзите ни беа во очите, моравме да свириме. Чалгијата свиреше ама немаше виолина, оти почина Ало а тој свиреше токму на тој инструмент.   - се присетува  Асанов, кој свирел на жичениот инструмент ут.

Интересно е што  и на таткото на Ало, Јован Тончов, исто така кларинетист,  во 1952-та на гроб му свирела чалгија. Додека пaк во 30-тите години на минатиот век, на  Петар  Ѕиков, познат велешки трговец, татко на  сопственикот на локалното кино Трајко Ѕиката, имал желба и се до 40 дневниот помен на гроб му пеел Васил дајреџијата.    Браќата  Перо и  Ивчеви исто се погребани со музика

И двајцата  биле големи играорци. Дедо ми Перо во 1969-ата се сеќавам го погребаа со музика. Додека неговиот брат  Славејко му играле и оро. И двајцата кога се пеело и играло, биле меѓу првите. Затоа побарале на смртта да бидат испратени со песна наместо со солзи, таа била нивниот живот – вели внукот Ристо Ивчев- Картушот.

Последен ваков случај беше минатата пролет, кога Илија Чадиев, извидник и бизнисмен по негова желба беше погребан со песна од Велешката чалгија. 

Текстот е посветен на мајка ми Вера, без чија помош немаше да биде создаден. Бидејќи живееше како девојче и мома близу до црквата Св. Пантелејмон, нејизните сеќавања ме  упатија кон лицата кои се соговорници.  Фала.. Почивај во мир.

Текстот беше изработен пред две години и чекаше момент да биде објавен. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »