Петар Печков
Објавено: сабота, 08 ноември 2014
Благодарејќи на Никифор Смилевски пензионираниот новинар на Македонското радио, на велешката но и македонска јавност им се поблиски приказните како настанале бројните градски песни. Повеќето ги знаат и пеат ,, Бог да го прости Миле Поп Орданов,, ,, На Којник дуќан да имам,, ,,Елено ќерко,, ,,Белото Маре на Цинциови,, ,,Се посврши Сербез Донка,, ,,Во Влашкото маало жолти куќи високи,, и уште триесетина други.
Така Никифор открил дека „Елено ќерко, Елено“ е песна за богатата Елена Кртчева, „Во влашкото маало“ е за големата и неостварена љубов на Нике Цибрева, песната „На Којник дуќан да имам“ ја испеале младите аргатки за продавницата на Нато Кралот или пак „Се посврши сербез Донка“ е за големата забранета љубов на Донка Јаричкова со Миле Ивчев. Смилевски истражувајќи ги корените не песната, стигнал изворно до тоа како настанале овие и многу други обнародени песни.
Тој како неуморен трагач се впуштил во една авантура да ги најде корените, да ги именува лицата и настаните од кои се создала популарната и омилена велешка староградска песна. Седумдесет и осумгодишниот Никифор првата песна која ја обработил била ,, Бог да го прости Миле Поп Орданов,,.
Беше тоа некаде крајот на 60-тите години. Успеав да најдам добар соговорник, и онака патем му раскажав на уредникот во Радио Скопје дека ја имам историјата на оваа песна. Тој само кратко ми рече, откако почувствувал дека тоа е голема работа, дека материјалот го очекува веќе утре. Отидов кај соговорникот сестрата на Миле, Марија и таа ја раскажа историјата на песната. Колку пати сум повторил и сега морам да кажам, Миле не бил болен и не умрел на постела туку во борба и затоа се пее Бог да го прости, никако Болен ми лежи. И второ тие не се Поп Јорданови туку Поп Орданови, тоа е втора голема грешка која се повторува - се присетува Смилевски.
Така започнало неговото истражување по велешката калдрма, за песните кои секојдневно се пееле по маалата. Од Саздо Хаџи Петруш ја слушнал и тој му ја раскажал песната ,,Во Влашкото маало, жолти куќи високи,,.
Ова маало се наоѓало веднаш до црквата Св. Богородица. Таа кај велешани е позната како Влашката црква. Во ова маало на почетокот од 20 век живееле многу богати Власи. Меѓу нив и семејството на Цибреви, кое имало преубава ќерка Ника, по грчката богиња на победата. Неа ја сакале многу момчиња, меѓу нив и Миле Џајков, син на трговец со кожи, но голем боем. Меѓу нив двајцата се родила љубов. Џајкови биле среќни што синот ќе се врзуми и удоми а Цибреви не, оти за нив ќерката требало да има домаќин човек. Затоа преку пријатели ја омажиле во Солун. Миле ова тешко го преживеал, почнал повеќе да пие и умира во 1932-та. Цибреви заминуваат од Велес, но песната ,,Во Влашкото маало жолти куќи високи,, остана да се пее – вели Никифор.
Песната пак ,, Се посврши Сербез Донка,, која ја пееше и Тоше Проевски, е уште една љубовна приказна од велешките маала. Овој пат од Мегдан, близу црквата Св. Пантелејмон. Неа ја раскажал внукот на главните јунаци, Богдан Ивчев. И таа се случува во првите години на 20 век
Тука е опеана младата Донка Јаричкова, за која многу младешки срца трепереле. Меѓу нив бил и стројниот Миле Ивчев, кондураџија по занимање. За нивната љубов се расчуло а таткото на Донка, Пецо на сакал да слушне, па решил да ја даде на некој имотен од Башино село. Донка ова тешко го примила. Вечерта кога бил свршокот, таа по другарките испратила абер до Милета дека ќе ја земаат. Миле кога разбрал веднаш дотрчал со другарите и ја грабнал бегалка Донка преку чардакот. Избегале по стрмните велешки сокаци а кај Јаричкови пукнал срамот, ќерка бегалка. Таткото Пецо ова не го простувал. Во 1903-та се родил син, Јовче и на прочка со него Миле и Донка отишле кај нејзе дома. Му понудиле чоканче ракија, Пецо го скршил, му дале шише ракија и него го скршил. Добил и бардак вода и тоа лутиот дедо го скршил. Тогаш Миле му дал ѓумче со вода а в раце му го тутнал внукот. Пецо изустил ,,Е ова не се крши,,. Така се простиле а Миле и Донка родиле уште четири деца Веса, Борис, Славе и Богдан – раскажува Смилевски.
Неговото истражување не може да биде целосно без историјата на песната ,,Елено ќерко,,, во која е опеана велешанката Елена Кртчева.
Таа живеела во улицата сега позната како Вера Циривири. Тоа е исто така велешко маало на богати трговци. Тука биле и Кртчеви, Илија бил трговец во Солун, имал пет деца, четири сина и ќерката Елена. Била преубава, имала сакан од Едрене, но нивната врска не била успешна. Потоа во Велес се омажила за синот на трговците Боцеви, за Лазо. По некое време и тој починал. Таа и покрај се останала многу убава а кога минела по чаршијата, сите мажи го вртеле погледот кон неа. Умрела 1935-та а песната за неа ја испеала нејзината слугинка. Песната за Елена ми ја раскажаа нејзините наследници Кртови. Велешани ја помнат Лана, нејзина внука која исто така беше мошне убава жена – додава Никифор.
Тој истражувајќи забележал дека голем удел во создавањето на велешките песни имал Арсо кеманџијата, кој како член на Велешката чалгија свирел и пред Султанот. Тој ги опеал Марето Цинциево, Султана Пулкова, младата маџирка и други убави велешанки.
Многу е важно да дојдеш до изворот, до авторот, до тој што ја знае прикаската за песната. Во овие песни ми е собран мојот работен ангажман. Во почетокот јас ги барав а потоа кога ме дознаа, луѓето сами доаѓаа да ми ја раскажат песната и како таа е создадена – вели авторот Смилевски.
Tweet |