речник контакт

Болницата бегство од ,,Сивиот дом,,

Сивилото од затворот го менуваа, за кратко со белилото од Болница. Штитеници малолетници се одлучуваа да посегнат по животот за да го напуштат затворот во Горно Оризари

Петар Печков

Наместо да лежат во затворот за малолетници, во близина на Велес, неговите штитеници се одлучуваа да посегнат по животот  за да  избегаат од ,,Сивиот дом,, како што се нарекуваше оваа  институција,  истурено одделение  на Воспитно поправниот дом Тетово.  

Голтаа делови од чешмите,железни  предмети, за да можат  да заминат на лекување во велешката Болница.   Така тие за недела, две  наоѓале спас од престојот таму,  кој за некои  од нив  бил ,,дел  од  пеколот,,.Случајната средба со едно момче, додека чекаше   за снимање на рендген во Болницата,  го откри овој за нив, момент на бегство  од суровата реалност. 

Не сум само јас, го  прават ова  и други. Голтаме што ќе најдеме, само за   да не бидеме во затворот.  Тука барем ќе имаме нега, некој да се грижи за нас. Има да те праша како си, како  е. Па на 16 години  возраст убаво е да се слушне топол збор, наместо  да се гледаат затворските решетки. Затоа го правиме, не од бес или друго. Сивилото од затворот го менуваме, за кратко со  белилото од Болницата. Таму во иста соба беа и силувачите  и   силуваното момче. Некои  пак пријавуваа дека  се болни,  па  по враќањето од  Болница бегаа  - рече момчето.    ТрМр ги праша  надлежните од ЈЗУ Општа болница Велес, колку вакви случаи има кај нив регистрирано за две години додека  истуреното  одделение на ВПД Тетово, беше  близу Горно Оризари кај Велес.  

Во периодот, есен 2013-та есен  2015-та според направениот увид во деловодните  книги на  Службата  за радиодијагностика, има   евидентирано   три штитеници,  кои голтнале страни тела.  Во истиот период од затворот за малолетници, на хируршкото  одделение  се оперирани  двајца пациенти, при што едниот е опериран  во  два  наврати. Оперирани се поради голтање  на железни  предмети  - одговорија од ЈЗУ Општа Болница  Велес.  

Пред две години, по реакциите на дел  од штитениците, при ненадејната   посета на  ова одделение од страна на народниот правобранител, биле констатирани  бројни неправилности.    

Дете заболено од хепатит, оставено без посебен режим на исхрана, дете заболено од шуга , ниеден малолетник вакциниран од заразни болести, кујна со вработени без санитарни книшки, деветмина неписмени штитеници, отсуство на образовен процес, домци кои сами си плаќаат  школување и приватно се лекуваат кај стоматолог беше дел од состојбата која што се затече во  ВПД "Тетово" во Велес.  

Дека  домот беше извор на деликвентни однесувања покажаа и претходните  три случаи во кои неколкумина малолетници силуваа еден, а што е уште пострашно еден  случај, командирот  не го пријавил  во полиција. Имаше и случај  кога  еден од штитениците, се обиде да го убие  домскиот доктор.  

Поради бројните пропусти и бегства  кои се случија во овој затвор за малолетници, кој велешани го нарекоа ,,Сивиот дом,,  и по реакциите на јавноста, тој минатата есен  беше затворен и реновиран. Од пролетва во него се префрлени 40-тина осуденици од затворот од Идризово.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »