речник контакт

Домот ,,Бреза,, тажна слика на негрижата (фото)

Ќе се најде ли некој стопан да го обнови?

Петар Печков

Од некогашниот планинарски дом ,,Бреза,, останати се само ѕидовите. Жална е сликата за местото каде пред 20-тина години престојуваа планинари од земјава а претходно и од Југославија и Балканот.   Викендов таму престојуваше група од 20-тина велешани рекреативци, кои решија да го посетат и  го минат денот во идиличната снежно бела слика на планината Бреза.   

Тажно е, останати се само ѕидовите од некогашниот Планинарски дом. Тој  своевремено  имаше 50-тина кревети, постојан домар и беше омилено одморалиште за велешани оти е  на само половина час возење со автомобил. Имаше струја, вода, сега ништо. Кровот се срушил и сега е под ведро небо  – велат велешките планинари.  

Проблемите околу домот започнаа по воениот конфликт 2001-тата кога  во овој предел  имало пукања, а дупки од куршуми се видливи по зградата,  па домот наеднаш стана непопуларен. 

До 2004-тата имаше домар, но преку неделата додека тој беше отсутен крадци го пустошеа. Потоа  домарот замина, немаше кој да го чува и посетува. Така  13 години сега е пуст и се уништува. Како деновите минуваа, така инвентарот со годините  во ПД ,,Бреза,,  исчезнуваше – изјави Јован Павлов од ПД Солунска глава, кое стопанисуваше со домот до таа 2004-та година.

 Со заминувањето на луѓето од овој дел на планината, таа е опустошена, дрвокрадците царуваат и просторот околу  домот го оголеле, па наместо буки  за сенка има само корења од дрвјата и големи ливади.  Откако пред осум  години, од тогашното невреме  кровот на зградата летна,  состојбата  со внатрешноста е очајна. 

Кога нема стопан, сите се сајбии – коментираат велешани. 

Погледот од планинарскиот дом кој е на 1.200 метри надморска височина восхитува. Се гледа и Бугарија и Србија, аеродромот Петровец, Овче Поле, скопско Арачиново, рафинеријата Окта, велешки Извор, Лозово, дел од Велес, езерото Младост, глетка што не остава никого рамнодушен.

Идилична слика  е нарушена со грдотијата на домот кој е безмалку уништен. Колку домот бил популарен зборува и последниот графит напишат на ѕидовите, кога во 2000-тата година тука се одржал младински еколошки камп  за волонтери со гости од цел Балкан, организиран од ЕД ,,Вила Зора,,.  

Тука лето во домот  имало  толку гости, што откако се ќе се исполнел, некои  спиеле под шатори по околните ливади. Доаѓале планинари и од Словенија, Хрватска, Војводина се преситуваат постарите членови планинари.  

Домот е граден 1972 година со средства од тогашните моќни велешки фабрики и фирми. Даден е на користење на ПД Солунска Глава. 

Сегашните генерации вљубеници во планината,  се надеваат и очекуваат дека било кој  ќе пројави интерес и ќе го обнови, за доброто  на сите. 

 фото : Коста фотошопов постарите фотграфии архива ТрМр 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »