речник контакт

Загинатите велешките борци од НОБ ќе добијат Алеја на хероите

По иницијатива на Општинската организација на Сојузот Борците од НОВ, Општина Велес ги дислоцира бистите на 12 борци и народни херои од јавно -прометните површини во градот

Петар Печков

Спомениците на паднатите велешки борци ќе добијат нова заедничка локација а  украдените нови бисти. По иницијатива на Општинската организација на Сојузот Борците  од НОВ, Општина Велес  ги дислоцира бистите на 12 борци и народни херои од јавно -прометните површини во градот. Бистите што во изминативе неколку години беа мета на несовесни граѓани во Младинскиот парк, дворот на Гимназијата „Кочо Рацин“ и Паркот на Хероите се отстранети и  времено  се депонирани во Спомен -костурницата.

Подолго време баравме и сега локалната власт ја прифати нашата идеја за ново заедничко  место каде ќе бидат поставени спомен бистите на паднатите борци.  Што ќе им оставиме на наредните генерации, кога со кражби  вандали собирачи на старо железо или лица што атакуваат од идеолошко -политички мотиви,  ја бришат историјата. Борците од НОВ во најголем број биле млади луѓе со напредни идеи, кои ги дале своите животи за слободна Македонија, независно од својата идеолошка определби. Затоа нивните спомен обележја треба да останат патоказ за сегашните и идни генерации – вели Саздо Кицевски претседател на СБ од Велес.

Бројни споменици на борците од НОБ преку ноќ исчезнаа од Велес изминатите дваесет години. Со години наназад се крадеа за потоа да завршат во некои од откупните центри, како старо железо. Други пак завршува во реката Вардар, едни се пронајдоа други не. Листата на имиња е долга, но не и конечна, оти и на тие што малку останаа им се закануваше дека во некое  време ќе бидат украдени. Петте спомен бисти во Младинскиот парк се украдени, трите на поетите револуционери во дворот на Гимназијата исто така, буквите од споменикот на Гемиџии во три наврати се крадат, ги нема ниту буквите на  бистата на актерот Петре Прличко.... На постаментот  од овие споменици пред неколку години осамнаа и фашистички навредливи пароли, со кои се величаше делото на Адолф Хитлер а пишувачот не беше пронајден.

За жал  ова е пракса која го отсликува менталниот склоп на одреден број наши сограѓани. Не само општината, туку и било која друга институција не може да преземе ништо ако некој решил да ги краде или тенденциозно уништува. Во соработка со Сојузот на Борците ќе се обидеме да создадеме место каде би биле тие групирани. Сега имаме преку триесетина на различни локации во градот невозможно беше да  се организира чуварска служба и ефективно да се сочуваат од луѓе кои за ситни материјална корист, прават огромна штета – вели градоначалникот Горан Петров.

Затоа  локалните власти решија со средства од Буџетот на Општина Велес за 2013 година да биде уредена Алеја на хероите на Спомен Костурницата каде ќе бидат поставени  спомен обележјата.

Со програмата за работа за следната година  предвидено е да се обезбедат средства за сите осум украдени бисти. Тие повторно ќе бидат излеани и поставени на постаментите од загинатите борци. Ќе биде вратен во првобитна состојба и делот од предворјето на Спомен Костурницата од каде недостигаат имињата на првоборците чии останки се наоѓаат во овој споменик на културата од национален интерес. За понатамошна заштита на објектот ќе биде поставен видео надзор – вели Катица Чадиева од  општина Велес.

Тие оставаат на борците, каде тие ќе решат да се уреди Алејата на Хероите. Само тие ќе треба да внимаваат на месото на локацијата, бидејќи Спомен Костурницата е споменик на културата од највисок степен и на неа не е можно да се вршат никакви интервенции и дополнувања, без консултации со авторот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »