речник контакт

Музиката ми е дарба од Господа

Велешанецот Тоше Темелков пијанист, кој повеќе настапува по светот отколку во Македонија

Петар Печков

Неодамна пијанистот  Тоше Темелков имаше концерт во родниот Велес. Тоа беше повод за разговор со овој уметник,  скромна личност кој иако има бројни  настапи повеќе по светот отколку дома, тој е скоро непознат за пошироката јавност во земјава.  

Почетоците на неговото  музичко образование се во родниот град, во Основното музичко училиште „Киро Димов“ (денес „Стефан Гајдов“) во класата по пијано на Мерџана Челева, а подоцна кај м-р Светлана Ташева. Средно музичко училиште завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“- Скопје во класата на м-р Нина Среброва и Факултет за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов. Дипломира на Факултетот за Музичка Уметност во 2004 година.

Има настапено со Камерниот Оркестар на ФМУ, Македонската Филхармонија и на бројни концерти низ Македонија (Скопско Лето, Охридско Лето, Битолско Лето), потоа во Србија, Унгарија, Словенија, Германија, Полска и во Соединетите Американски Држави (Охајо, Пенсилванија, Флорида, Колорадо и Тексас).  На концертот во Велес настапи со дела на  Бетовен, Рахмнањинов, Менделсон и Прокофјев. Темелков живее и работи во Скопје а во ноември заминува во Охајо, САД, каде ќе остане неколку месеци. 

            Зошто се решивте да свирите на пијано, од каде тој интерес, таа љубов?

 Гените водат музичко потекло по дедо, татко од мајка. Тој бил музичар, свирел мандолина. Но гените  кај мене ги препозна мојата наставничка од  Основното училиште Св. Кирил и  Методиј г-ѓа Нада Зографска. Знаела дека има  нешто во мене, па ме препорача на родителите. Со нив заминав во музичкото, наставничките Челева и Ташева рекоа дека сум роден за пијано. И така започна мојот музички живот и образование.  Тоа е дарба дадена од Господ, не е само образование, работа и решен сум до крајот на мојот  живот таа дарба да ја користам.  Едно време свирев во бенд, свирев гитара. Мојата професорка во средно музичко Нина Среброва, ме убедуваше дека јас не сум за бас гитара и за бенд, туку сум роден  за пијано. Јас средно се запишав за бас или контрабас,таа ме префрли повторно на  пијано. 

      Престојувавте одреден период во САД, што беше поводот и зошто   со сопругата се вративте назад во Македонија, во Скопје?

Мојата жена Џеси е Американка. Нашата љубовна приказна е многу интересна. Ние се заљубивме во Охрид како студенти во 2003г. Јас ја побарав за жена после Интернационален Натпревар за пијано на Универзитетот во Колорадо во 2006. Ние никогаш не сме живееле во Америка иако доста често патуваме натаму. Жена ми е од Охајо и затоа поминуваме најмногу време таму, со нејзините родители и роднини. Имаме 4 машки дечиња и сакаме тие да си ги знаат баба и дедо од на мама страната, така што поминуваме 2-3 месеци скоро секоја година таму. Додека сме во Америка, јас настапувам во повеќе држави, Охајо, Колорадо, Тексас и Пенсилванија, но сепак животот и работата ни се во Скопје, Македонија. 

        Кои автори, и зошто токму нив ги изведувате  на настапите?

 Како музичар, настојувам да бидам разновиден и интересен. Имам богат репертоар од најразлични композитори. Во последно време најмногу ме привлекува Сергеи Рахмањинов. Ја подготвувам неговата Соната бр. 2 и колку повеќе се доближувам до она ниво на кое сум јас задоволен толку повеќе сум фасциниран од овој Руски композитор од 20-тиот век. 

     Кои се Вашите животни преокупации, цели, плановите за иднина?

Планирам да продолжам со моите студии и имам за цел да докторирам на отсек пијано во наредните 4-5 години. Имам за цел да настапам повторно со македонската филхармонија, но овој пат во ново изградената сала. Исто така имам за цел да настапам на еден од најпрестижните натпревари по пијано. Мојот живот е исполнет со многу активности, но во овој период од животот чувствувам дека желбата за концертна кариера, мотивацијата и можностите ме насочуваат кон пијаното и кон класичната музика. Не знам како се ќе се одвива, дали моите цели ќе се остварат, дали ќе станам и светски познат пијанист, но едно знам дека треба да продолжам да настапувам до крајот на својот живот. Многумина ме прашуваат зошто не  настапувам во овој или оној град. Јас не организирам   концерти, јас знам да свирам пијано, доколку некој има желба да настапам, јас сум тука.  

         Како успевате со четири деца да одвоите време за вежбање, за работа со пијаното?

Животот е краток и секој од нас треба добро да си го испланира времето, но исто така треба да признае дека е ограничен и дека не може се да постигне. Јас и жена ми имаме 4 машки дечиња кои се голем благослов, но и голема одговорност. Нашиот живот има една водилка која не прави посилни, поиздржливи, но во исто време и ни дава еден мир кој ги надминува сите можни притисоци, стресови. Но, еден многу важен детаљ и тоа што уште кога ни се роди првото синче во 2009 ние побаравме помош од мајка ми и таа доаѓа секоја недела од Велес во Скопје и останува по 2-3 дена да ни помогне со дечињата. Иако сме многу организирани и имаме многу енергија за нашите дечиња, сепак и нас ни треба барем 2-3 саати да излеземе без нив и да си направиме муабет на мир. Јас во последните 2 години вежбам пијано надвор од дома и тоа прави голема разлика. За 2-3 саати постигнувам многу повеќе отколку претходно сум вежбал и по 5 саати дома, ама во галама, со прекини итн. Фокусот и концентрацијата се еден од најважните фактори за да имам квалитетно вежбање.  За крај на овој разговор сакам да потенцирам, дека изминатите две години имав во овој  период концерти во Велес. Тоа ќе го правам и следните години, тоа го чувствувам како моја обврска кон градот каде сум се родил. Може да излезат и други настапи,  но Велес ќе остане на врвот од мојата агенда.  

 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »