речник контакт

Параклисот Св. Ѓоргија, најстарото училиште во Македонија го чествуваше празникот (фото)

Река од велешани два дена го посетува овој верски објект, каде за прв пат започнала настава во Македонија. Дел од верниците, гостите беа да запалат свеќа за здравје други да подигнат панагија за вечерната слава

Петар Печков

 Река од велешани доаѓаше во параклисот Св. Ѓоргија неделата попладне и понеделникот претпладне. Пак оживеаја тесните сокаци кај Прцорек,  полни со  народ  кој доаѓаа да го посетат овој верски објект, кој е извршите на македонското просветителство. 

Верскиот објект тешко се распознава меѓу останатите куќи на улицата Богдан Каракостев  доколку не е таблата поставена пред куќата со бр.14  на која пишува  ,,Тука 1857-та година, со средства на жителите од брзоречката општина е основано првото класно трговско училиште во Македонија“.  Оваа плоча е единствениот сведок за големото дело на Џинот, првото училиште во Македонија.

Параклисот Св. Ѓоргија  е значаен затоа што тука  е местото , каде започнало прво во Македонија  да се учи на мајчин јазик .  Така барем на кратко, за еден ден, повторно оживува најстарото училиште во земјава, кај велешани познато како Св. Ѓоргија. На  8-ми и 9-ти декември, секоја година истоимениот параклис ги отвора вратите за верниците од Велес, се слуша жагорот и вревата, само сега не од учениците туку од православните верници кои доаѓаат во објектот каде Јордан Хаџи Константинов Џинот, пред 156 години, ги одржувал првите часови на мајчин јазик.    

Дел од верниците, гостите беа да запалат свеќа за здравје други да подигнат панагија за вечерната слава. Свештениците од велешката парохија одржаа вечерна и утринска литургија, се кршеше леб, се делеше крстена вода.  И годинава многу велешани и млади и постари се упатија  кон месноста Прцорек, на левиот дел во старото градско јадро, каде се наоѓа објектот, во кој своевремено Џинот држел настава.     

Во средината на 18-тиот век во месноста Прцорек, за што  постојат пишани документи било решено прашањето на образованието на децата од овој дел на Велес. Во него работеле калуѓер или калуѓерка, кои се занимавале со учителска дејност.  Еден век подоцна, неспорно е дека градот има голема потреба од словенска писменост, а преродбеникот Јордан Хаџи Константинов Џинот во 1843 започнува со учителствување на мајчин јазик во црквата Св. Ѓоргија – запишал историчарот  Славко Николов поранешен директор на Историскиот Архив на Велес. 

Се смета дека ова е почетокот на учењето на мајчин јазик на децата во Велес но и во Македонија. Историските факти се дека се до изградбата на црквата Св. Богородица во 1905-тата година овој објект бил  црковен и припаѓал на Рилскиот манастир, за потоа да биде    запоставен. Тој е најстар верски објект во Велес и во него е најстарата икона во градот.

Освен  што тука  Џинот предавал на мајчин јазик, се изведувале и првите едночинки, чиј автор бил токму тој. Вратите на параклисот денес се отвораат два пати годишно напролет на Ѓурѓовден,  и на есен на Св. Ѓоргија. И оваа година река од велешани се слева по тесните улици, поплочени се уште со калдрма за да дојдат и го посетат параклисот.

Секоја година доаѓаме тука со сопругот да запалиме свеќа за здравје, но и да го посетиме храмот каде за прв пат започнало да се учи на мајчин јазик, кој тогаш го говореле велешани. Од година на година има се повеќе верници кои доаѓаат тука и млади што радува – вели  Вера Николова, просветен работник. 

И таа и нејзиниот сопруг, велат дека доаѓаат во извориштето на нивната професија – образованието на децата,  а овој ден го чувствуваат како нивен празник. На простор не поголем од 20 метри квадратни илјадници луѓе минуваат, но малкумина знаат дека тука некогаш било школо. Тоа било на два ката, приземјето за машките деца а горниот за девојчињата. Иако минал век и половина, објектот е добро сочуван, но дел од иконите се оштетени. Тие се сведоците на времето кога тука децата за прв пат започнале да учат на мајчин јазик а нивните родители ја одржувале  православната вера.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »