речник контакт

2011 Година на зајакот според лунарната Нова година

На 3 февруари пристигна кинеската Нова година – година на Зајакот. Во Кина зајакот се смета за еден од најсреќните знаци, лицата родени во тој знак се сметаат за љубезни, лојални и доверливи. Кинезите ја слават 4709 година, за евреите ова е 5772, за индусите 2068 година, за муслиманите 1433 година

Петар Печков

Во 2011 кинеската Нова година почнува на 3 февруари кој според лунарниот календаер е прв месец во годината. Оваа година според кинескиот хороскоп е година на Зајакот.

Зајакот е традиционално четврти знак од 12 знаци на кинескиот зодијак зад глушецот, волот, тигарот, а пред змејот, змијата, коњот, јарецот, мајмунот, петелот, кучето и свињата.

Во кинеската култура зајакот исто така може да се користи како симбол на Месечината. Старите Кинези верувале дека зајакот живеел на Месечината. Тие можеле да го видат на светлата страна во текот на полна Месечина кон средина на есента.

Иако астронаутите на програмата Аполо потврдија дека зајакот не живеел на Месечината, неговата среќна појава никогаш не бледее кај Кинезите.

Зајакот, кој на кинески го нарекуваат Месечев зајак или Зајак од смарагд, е следбеник на божицата на Месечината, која никогаш не старее и прави лекови од билки.

Според фолклорот на Пекинг, зајакот дошол на земјата како девојка, јавајќи на коњ, тигар или лав, влегол во градот и многумина спасил од епидемии. Затоа луѓето во Пекинг во негова чест прават статуи на зајак облечен во оклоп, како јава на тигар.

Во Кина зајакот се смета за еден од најсреќните знаци, лицата родени во тој знак се сметаат за љубезни, лојални и доверливи, на кои може да се смета, иако ги опкружува дух на мистерија.

Зајакот, посебно тој со бело крзно, исто така е симбол на долговечност во традиционалната кинеска култура. Старите Кинези верувале дека зајакот, кој се изговара „ту“ е олицетворение на ум.

Многумина веруваат дека Годината на зајакот носи добра среќа и се друго на тие што се родени во тој знак, па затоа треба да хранат и да чуваат зајак. Од таа причина продавниците за животни и фармите на зајаци во Кина се испразнети. Посебно младите не прашуваат за цена за да го купат својот среќен зајак.

Меѓутоа, ветеринарите предупредуваат дека да се чува зајак дома е многу потешко од чување куче или мачка, кои не се толку чувствителни и бараат многу мало внимание.

Можеби токму тоа било причина што Виетнамците наместо зајакот во хороскоп ја вовеле мачката, па така за нив сега настапува Година на мачката.

Не е познато зошто и кога Виетнам го отфрлил зајакот и ја вовел мачката во својата верзија на хорскопот, кој освен и кај јарецот кој кај Виетнамците е овца, во другите знаци се поклопува со кинескиот.

Експертите велат дека најверојатно се работи за сложена грешка во преводот. Виетнамците тврдат дека нормално е зајакот да се замени со мачка, бидејќи е глодар, а во знаците постои веќе еден глодар, а тоа е глушецот.

- Животните во зодијакот треба да бидат различни, вели љубителот на мачки Нгујен Бао Син.

Според него, мачката помага да се направи рамнотежа на кучето, својот природен непријател. Тоа претставува подобра рамнотежа на јин и јанг во вселената, подобро ја обединува контрадикторноста и затоа е повредно и подобро да се има мачка.

Така во Кина зајаците се среќни, а во Виетнам се само храна, иако на менито понекогаш можат да се најдат и мачки, како „малите тигри“, иако тоа е забрането со закон.

Врз основ на поранешното искуство, предвидувањето дека и во Кина, по новогодишната еуфорија и крајот на најголемиот празник во земјата, многу Месечеви зајаци ќе завршат во лонец, или по парковите и дворовите на будистичките храмови, прагматичните трговци нудат кадифени зајчиња во разни бои и големини.

Тие тврдат дека кадифените синтетички зајчиња ќе донесат исто толку среќа како вистинските, а кога ќе го подарите на саканото лице, носи и уште поголема радост.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »