речник контакт

Љубоморно чувани од забот на времето и заборавот, повторно пред јавноста (фото)

Етно изложба со рачни ракотворби од жените пензионерки.Одбележани 61 години од постоењето на Здружението на пензионери на Велес и ,,Неделата за грижа за стари изнемоштени лица,,

Петар Печков

Одбележани 61 години од  постоењето на Здружението на пензионери на Велес а во склоп на ,,Неделата за грижа за  стари изнемоштени лица,, Активот на жени при ова здружение организираше етно  изложба.  

 Вредните раце на нашите жени, членки на Здружението решија да ве потсетат на едно изминато време, во кое тие вложиле труд, но и љубов за го разубават својот и животот на тие околу себе. Со тоа оставаат траен белег во нашето национално богатство - рече Благојка Настова претседател на Активот на жени пензионерки.

Многу рачни изработки повторно го добија некогашниот сјај, беа штиркани, пеглани, како некогаш и  подготвени за изложбата. Беа извадени од фиоките, каселите, од регалите, каде љубоморно се чуваат од забот на времето  иако одамна не се користат.    

Ова е наш обид за потсетување на некои минати денови, кога вредните раце на  нашите жени, везеле , плетеле, ткаеле   во нив ја внесувале тагата, маката, љубовта ,радоста и се што го чини животот- рече Светлана Ќулумова поранешна професорка по македонски јазик, член на Претседателството на Здружението на пензионери од Велес.   

 Таа на изложбата донесе лични изработки чаршаф, милје, како и многу работи од нејзината мајка која сакала да ги види јавноста. Прашана како гледа на тоа што рачните изработки се повеќе се чуваат  во фиока  а не се користат или малку таа кажа:  

Тоа е цената на новото време кое го живееме. Неминовност на динамика на живеењето, современата жена има многу обврски и нема време да ги создава и да ги одржува низ домот. Но кога ќе се отворат вратите од шифоњерите заплиснува споменот од минатото време, споменот на нашите мајки кои не учеле на овие изработки, кои макотрпно ги работеле и ќе не врати назад во некое не така минато време, кога сме се почитувале и сакале повеќе - додде Светлана.   

Пензионерката Цвета Јованова  се претстави со покривка од бел вез, која таа лично ја изработила  како и крпа за огледало.

За жал денес овие рачни изработки се помалку или воопшто не се користат. Тие бараат нега, одржување а младите домаќинки го имаат се помалку. Тоа е голем грев, оти овие везени и плетени работи  треба да се штиркаат, да се пеглаат  внимателно. Но и покрај се ги чувам - вели  Цвета.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »