речник контакт

Ќе го биде ли затворениот Градски пазар

Последна најава, ќе се гради од почетокот на следната година

Петар Печков

Три години најавуваниот затворен Градски пазар ќе почне да  се гради од  почетокот  на следната и треба да чини околу 300 илјади евра. Ќе го гради сама локалната власт, најави денес на  прес конференција градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев.  

Тој го презентираше идејното решение за проектот „Покриен градски пазар“. Го изработила фирмата „Гео Балкан“ од Битола. Со него се предвидува објектот да биде покриен, но од страните отворен затоа што испитувањата покажале дека тоа е идеалната комбинација за ваквиот тип на објекти.

Идејното решение набрзо ќе се доработи во финален проект. Првата идеа, тој да се гради со јавно-приватно партнерство пропадна, затоа што на двата јавни повика не се јави ниту една фирма која беше заинтересирана, затоа Општина Велес одлучи да го изгради со сопствени средства – изјави Чадиев.

Во април тој најави дека има еден  потенцијален заинтересиран инвеститор.  Според градоначалникот Чадиев, изградбата на покриен градски пазар е голем и скап проект.

Ќе распишеме тендер за изведувач, па постапката за избор ќе трае, па ќе чекаме правосилност на постапката. Тоа ќе биде на почетокот на  следната година.  Ќе почнеме од долниот дел на пазарот, за да може тој да функционира дел од него ќе биде дислоциран на  блискиот паркинг. Кога ќе заврши ова ќе почнеме со вториот дел од пазариштето – објасни Чадиев.      

Досега биле завршени  подготвителните геомеханички испитувања на тлото.  Освен тезги за продажба, во него ќе се изградат 16 дуќани, трговска и улица за достава на производи, санитарни јазли. Се предвидува и нова поделба на реоните во кои ќе се продаваат прехранбени производи, текстил ,пластика.

За негова реализација локалната власт планира да  се издвојат 300 000 евра од буџетот. Во јануари месец на почетокот од годинава градоначалникот Чадиев порача дека за изградба на затворен градски пазар ќе се инвестираат 3,5 милиони денари и ќе започне да се гради во септември. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »