речник контакт

Актерот Кирил Гравчев ја доби наградата ,,Петре Прличко,,

Зад себе има повеќе од сто актерски ролји во драмски претстави, улоги во тв филмови, како и впечатливи епизоди во филмови

Петар Печков

Годинешен добитник на  актерската награда за животно дело  ,,Петре Прличко,,  е  Кирил Гравчев.  Ова е одлука на жирито во состав Кети Борисовска, Александар Ѓоргиев и Деан Дамјановски, која ја објави  на прес конференција.

Гравчев е актер на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, кој зад себе има повеќе од сто актерски ролји во драмски претстави, улоги  во тв филмови,   како и впечатливи  епизоди  во  филмовите ,,Тетовирање`` ,,Големата вода`` ,,Преку езерото`` ,,Години на надеж`` ,,Прашина``.

Неговиот богат дијапазон на ликови, тополината со која ги претставува на сцената, хуморот кој стигнува  до последниот гледач во салата, го прават ,,Гравче,, да биде еден од амблемите на велешки  театар. Нему му е доволно да се  појави на сцената и да ја освои  публиката. Шармот и непосредноста со кои им пристапуваа на улогите, го прават поразличен  и препознатлив, но и единствен меѓу плејадата актери од неговата генерација. Ако не беше тој ќе имавме голема празнина на велешката сцена -  ја образложи наградата  Александар Ѓоргиев актер, член на  жирито и колега на  Гравчев од велешката  театарска сцена.

Кирил е миленик  на велешката публика, со препознатлив  суптилен хумор.    Возбуден и среќен од добиената награда, Гравчев, кој има играно заедно со Прличко во претстави на велешки театар, се заблагодари на признанието.  

 

Со чичко Перица сме играле, сум настапувал во негови престави. Многу сум среќен за ова награда. Фала, ми значи  и  ме исполни.  Тоа што го научив од него, се гледа  на сцената   – рече Гравчев, кој е на сцената од 1970-та година.  Во велешкиот театар  тој доаѓа по укинувањето на професионалниот ансамбл и е дел од младинското студио.

Наградата спомен плакета со ликот на Прличко  и  пари во висина од 500 евра ќе му биде врачена четврток вечер, кога во негова чест, во велешки театар,  ќе биде одиграна претставата ,,Старицата од  Калкута,,.  

Публиката ги помни неговите улоги како Кир Дима  во ,,Кир Јања,, Спиров во ,,Чорбаџи Теодос,, Таса во ,,Сомнително лице,, ,,Степан во ,,Женидба, Бопчински во ,,Ревизор`` улогата на писарот во ,,Јазовец пред суд``.  Настапуваше и во бројните антички престави играни на локалитетот Стоби. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »